На 5 и 6 март, во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје, Мрежата за рурален развој на Република Македонија го одржа своето редовно Годишно собрание. Вкупно 37 претставници на 30 организации – членки на МРР присуствуваа на дводневната средба на Собранието.

Во рамки на првиот ден, консултантската компанија ДЕТРА како имплементатор на Програмата на УСАИД за подобрување на работењето на организациите – ППРО, изврши проценка на нејзиното влијание врз работата и работните процедури на МРР и организациите – членки. По завршување на дискусијата и оценување на влијанието на програмските активности, беше спроведена анализа на имплементација на активностите од аспект на: процесот, вклученост на членките на МРР во проектните активности, научени лекции и недостатоци и тесни грла.

Вториот ден од Собранието беше отворен од Претседателот на МРР со кратко обраќање до членките и претставување на дневниот ред. Претседателот на Управен Одбор ги презентираше активностите на Мрежата спроведени во текот на 2014 год., како и идните планирани активности. Од страна на членките, едногласно беше усвоена годишната програма на МРР и деловниците за работа на Собранието и Управниот Одбор. Ранкица Божиновска, од здружението „Моја фарма“ како член на административното тело, го презентираше проектниот механизам на Мрежата, објаснувајќи ги критериумите за поддршка на прооктите, како и начинот и постапката за добивање поддршка на проекти од МРР.

Втората попловина од средбата беше посветена на работа во групи со цел идентификување на проблеми во руралните средини и синтетизирање на идеи во рамките на 6 дефинирани теми: Малите семејни земјоделски стопанства во нивниот придонес за безбедност и обезбедување со храна;  Вмрежување и советодавни услуги водени од потребата на заедницата; Диверзификација на руралните економски активности (занаетчиството и поддршка на развојот на руралниот туризам); Одржлив демографски развој во руралните средини (социјална кохезија); Вработување на младата популација и дрги ранливи групи во руралните средини; и Искористување на владини фондови за корисниците во земјоделството и руралниот развој. Крајната цел на ваквата работилница беше да се крене гласот на руралното население, преку собирање на идеите од локално ниво и синтетизирање на национално, за нивно понатамошно адресирање на Европско ниво.

(Галерија)