Во рамките на проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени на 3 септември, во селото Младо Нагоричане, беше организирана теренска работилница. Настанот се одржа во овоштарник со круши каде проектот вршеше тестирање на различни техники и мерки за адаптација кон климатските промени.

На работилницата присуствуваа 20 советници на АПРЗ (Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството) од различни делови на земјава. Техничките експерти во областа на овоштарството, на опитното поле креирано од проектот спроведоа комбинација од теоретски и практични едукативни сесии. На учесниците им беа објаснети значењето и придобивките од употребата на различни адаптивни мерки како УВ заштитни мрежи, покровни култури, подлоги отпорни на суша и мулчирање. Присутните исто така имаа можност да ги споредат штетите предизвикани од град кај круши кои не се заштитени со УВ мрежи со оние кај кои има инсталирано УВ мрежи. Употребата на заштитни мрежи има двојна улога, т.е. покажа одлични резултати во намалување на сончевите изгореници како и заштита на културите од град.  Бројни корисни совети и инструкции за примена на различни земјоделски адаптивни практики  беа овозможени од страна на експертите, со цел да им помогнат на земјоделците во заштитата на овошните култури од штетните влијанија на климатските промени.

(Галерија)