Министерството за земјоделство и рурален развој и Мрежата за рурален развој на Црна Гора заедно со Постојаната работна група за рурален развој на Југоисточна Европа (SWG) организираа конференција за семејно земјоделство на тема „Значајната улога на семејното земјоделство во руралните средини“. Конференцијата стави акцент на значајната улога на семејното земјоделство, клучните предизвици и идни приоритети и ги посочи најдобрите мерки за поддршка на семејните фарми. Конференцијата која беше одржана на 1ви јули 2014 год. во Подгорица, Црна Гора, меѓу другото, имаше цел да ги изрази постоечките економски и социјални услови за семејно земјоделство во регионот.  Привлекувајќи претставници на министерствата за земјоделство од земјите на Југоисточна Европа т.е. институции – членки на Постојаната работна група за рурален развој на Југоисточна Европа, организации – членки на Балканската мрежа за рурален развој, претставници на организации за семејно земјоделство, соработници, производни организации, претставници на приватниот сектор итн., конференцијата имаше намера да ги покрене проблемите на семејните земјоделци надвор од нивните фарми. Секоја земја – учесник, вклучувајќи ја и Македонија, имаше кратка презентација за моменталната ситуација во земјоделскиот сектор и семејното земјоделство. Посебно внимание привлече презентацијата на г-дин Золтан Калман, Раководител на сектор во Министерството за земјоделство на Унгарија, која даде преглед на главните резултати од „Глобалниот форум и Експо за семејно земјоделство“, организиран во Будимпешта, во периодот од 4ти до 6ти март 2014 год. Голема дискусија поттикна и втората презентација на г-дин Калман за „Клучните предизвици и можности за земјоделски инвестиции во семејното земјоделство. Каде сме глобално и регионално?“, фокусирајќи се на својата земја – Унгарија.