Климатските промени, кои се манифестираат преку долги сушни периоди, намалени врнежи, но и константно зголемување на температурите на месечно и годишно ниво, имаат особено штетно влијание во земјоделството.

Со цел јакнење на јавната свест за предизвиците и ефектите од климатските промени во земјоделскиот сектор , Мрежата за рурален развој на Република Македонија во текот на месец јуни организираше 4 работилници во рамките на проектот „Адаптација на земјоделството кон климатските промени“, финансиран од УСАИД. Работилниците беа организирани во четири локации на Република Македонија и тоа: во Неготино на 12 јуни, во Куманово на 15 јуни, во Богданци на 19 јуни и во Струмица на 21 јуни. На настаните присуствуваа земјоделци од регионот, претставници од локалната самоуправа, и Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството (АПРЗ) .

Проектот „Адаптација на земјоделството кон климатските промени“ е фокусиран на Медитеранската зона во која припаѓаат Вардарскиот регион со делови од Струмичко и Гевгелиско, како региони кои што се најмногу засегнати од климатските промени. Проектот започна да работи со семејните фарми кои што на пазарот ги пласираат најголемиот дел од своите производи, како и земјоделците што делумно ги продаваат , а делумно ги задржуваат за себе своите производи. Во рамки на првата компонента од проектот започнаа да се вршат тестирања и на адаптивни земјоделски техники со цел да се изнајдат решенија за неповолните влијанија од климатските промени. Научените искуства ќе можат да се применат од страна на земјоделските производители. Исто така тестираните технологии од првата компонента ќе бидат развиени во советодавни пакети кои ќе бидат дистрибуирани до целните групи преку серии на работилници и други соодветни медиуми.

(Галерија)