На 23 септември, во културниот дом „Ацо Караманов” во Радовиш, се одржа ЛАГ Експо 2022 – саем за локален развој. Овој саем е прв од ваков тип во нашата земја каде низ презентации и панел дискусии претставници на Локалните акциски групи (ЛАГ-ови) од Северна Македонија, Албанија, Србија, Косово и Хрватска ги претставија своите активности и дискутираа за теми поврзани со локалниот развој кои ги засегаат сите рурални заедници. На саемот со свои штандови, производи и активности се претставија и членовите на ЛАГ-овите Бојмија, Беласица-Огражден, Малеш-Пијанец, Абер 2015 и Плачковица.
Целта на саемот е да се презентираат и да се споделат искуствата на домашните Локални акциски групи, како и оние од земјите на Западен Балкан и Европската Унија согласно LEADER пристапот како дел од политиките за локален/рурален развој. Локалните акциски групи, кои беа во фокусот на саемот се непрофитни граѓански организации составени од претставници од приватниот, јавниот и граѓанскиот сектор и се двигатели на развојот во руралните средини.
Џери Дајбл, претставничка на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, Петар Ѓоргиевски, претседател на Мрежата за рурален развој на Северна Македонија и на Балканската мрежа за рурален развој како и Љупче Почивалец, секретар на Општина Радовиш се обратија на присутните, ја поздравија иницијативата за ваков саем и ја реафирмираа поддршката за Локалните акциски групи и руралните средини во државата. Присуствуваа и градоначалници на општините од регионот како и претставници од граѓанскиот и приватниот сектор од државата и земјите од Западен Балкан и ЕУ.
ЛАГ Експо 2022 се реализира со поддршка на Програмата на УСАИД за развој на заедницата, имплементирана од Мрежата за рурален развој на Северна Македонија и Балканската мрежа за рурален развој поддржана од We Effect, во соработка со ЛАГ Плачковица.
Оваа активност е дел од Програмата на УСАИД за развој на заедницата, поддржана од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Оваа вест е подготвена со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на Мрежа за рурален развој на Северна Македонија и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.