На 3 јуни 2022 година, во селото Ума, општина Гевгелија, се одржа настан по повод завршување на првата заедничка акција во селото Ума, организиран од Програмата на УСАИД за развој на заедницата, имплементирана од Мрежата за рурален развој на Северна Македонија, во соработка со Локалната акциска група (ЛАГ) Бојмија.

Целта на настанот беше промовирање на партнерствата помеѓу граѓанскиот сектор, приватниот сектор и локалната самоуправа во селото Ума, како и споделување на првичните резултати на Програмата за развој на заедницата.

 

 

За време на посетата, присутните имаа можност да ги погледнат поставените специјализирани станици – „боксови“ за одлагање и првична селекција на отпад, јавниот простор на влезот на Ума кој е исчистен со трајно затворање на дивите депонии, како и доизградбата на дел од главна улица во традиционален стил – калдрма во должина од 185 метри. Во реализација на оваа локална акција, се вклучија повеќе локални чинители, меѓу кои населението, бизнис секторот, граѓански организации и Општина Гевгелија.

 

 

На настанот се обрати заменик-амбасадорот на САД, Ерик Мејер, кој на присутните им порача, „Ги мобилизиравте вашите ресурси и вештини за остварување на вашата заедничка визија да ја направите заедницата почиста и пофункционална. Најважно од сѐ, вие преземавте акција. Охрабрени сме од вашите напори и горди сме што соработуваме со заедници како вашата кои преземаат акција за да одговорат на потребите на заедницата со свои решенија и ресурси“.

 

 

Свое обраќање имаше и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, кој нагласи дека е важно локалните чинители да го предводат развојот на заедницата и истакна дека општината ќе продолжи да ги поддржува заедниците и руралните средини и активно да соработува со останатите локални чинители.

Петар Ѓоргиевски, Претседател на Мрежата за рурален развој на Северна Македонија и директор на Програмата за развој на заедницата, заедно со Ристо Атанасовски, од ЛАГ Бојмија, се осврнаа на досегашните постигнувања на Програмата и воспоставените нови партнерства помеѓу локалните чинители за унапредување на одржливиот развој на руралните средини и обезбедување подобар живот за населението.

 

 

Помеѓу присутните на настанот беа и градоначалници на општините од регионот како и претставници од локалната самоуправа, граѓанскиот и приватниот сектор од општина Гевгелија.

Програмата на УСАИД за развој на заедницата го унапредува одржливиот развој на руралните средини во Северна Македонија преку зголемена вклученост на локалните чинители во препознавање и приоретизација на вистинските потреби на заедницата – при тоа потпирајќи се на сопствените ресурси и на зголемениот ангажман на јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор во заедничките социо-економски и еколошки иницијативи.

 

 

 

 

Оваа активност е дел од Програмата на УСАИД за развој на заедницата, поддржана од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвена со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на Мрежа за рурален развој на Северна Македонија и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.