Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) во соработка со Слоу фуд Македонија, а со поддршка од GIZ, оваа година по втор пат го организира Националниот саем за храна и пијалоци „Вкуси ја традицијата“. Вториот Национален саем „Вкуси ја традицијата“ се одржа на 7 октомври, сабота, со почеток во 11 часот во Градскиот парк – Скопје. На годинашниот саем, повеќе од 300 мали производители на храна и пијалоци ги презентираа своите вкусни производи приготвени по традиционални рецепти.

 

Членовите на Локалните акциски групи (ЛАГ-ови) Абер 2015, Беласица-Огражден, Бојмија, Малеш-Пијанец и Плачковица ги претставија своите локални, традиционални производи од шумски плодови, месо, сушени зеленчук и овошје, мед, јаткасти плодови, како и рачни изработки, природна козметика и останати производи од руралните средини. Штандовите беа посетени од голем број посетители од земјата како и претставници на Владата на нашата држава, дипломатскиот кор и делегации од земјите од регионот.
 
 
Оваа активност е дел од Програмата на УСАИД за развој на заедницата, поддржана од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
 
Оваа вест е подготвена со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на Мрежа за рурален развој на Северна Македонија и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.