На 9 мај, Караванот за климатски промени организиран од проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени го започна своето патување низ Македонија. Почнувајќи со настан во струмичко Ново Село, караванот во текот на мај и почетокот на јуни ќе посети шест рурални места во земјава. Караванот е креиран на начин кој ќе допре до руралните заедници и ќе ги едуцира индивидуалните земјоделци и останатите граѓани во врска со предвидените ефекти од климатските промени, ќе сподели стратегии за прилагодување на овие ефекти и ќе ја потенцира важноста на преземање проактивни чекори како одговор на ваквите последици, почнувајќи од основното ниво, од малите земјоделски заедници.
„Преку овој Караван, сакаме да допреме до луѓето во заедниците како вашата, кои се во поголема мера зависни од земјоделски поврзани активности,“ рече Џосеф Лесард, Директорот на канцеларијата на УСАИД за Економски развој. „Местата како Ново Село и останатите села кои ќе ги посетиме во следните седмици, се места коишто се најпогодени од климатските промени.“
На настанот во Ново Село присуствуваа голем број жители од струмичкиот регион. Децата од училиштето „Климент Охридски“ од Ново Село меѓу кои и деца со посебни потреби, привлекоа внимание со својот интересен настап, испраќајќи пораки кои алармираат за итноста од потребата за адаптација кон климатските промени. Присутните имаа можност за интерактивна дискусија во однос на одредени проблеми со кои се соочуваат во земјоделските активности и да добијат совети и препораки од експертите вклучени на проектот.
Останатите локации кои ќе ги посети Караванот во периодов се селата:Негорци, Тимјаник, Пчиња, Богданци и Росоман.