Во четврток, 3 мај, во 11 часот, хотел Континентал Скопје – Проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени, со свечен настан го одбележа започнувањето на активностите. Проектот ќе промовира земјоделски практики за адаптација кон климатските промени и ќе ја зголеми свеста за идните предизвици кои тие ги наметнуваат, како и потребата за заедничко делување на ниво на заедниците. Тригодишниот проект ќе го спроведува Мрежата за рурален развој на РМ (МРР).

На настанот присуствуваа претставници на Владата на РМ, релевантни национални и локални земјоделски институции, членови на Мрежата за рурален развој, сопственици на земјоделски стопанства и донаторски организации, заедно со експерти во областа на земјоделството за прилагодување кон климатските промени.

На настанот свои обраќања имаа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, г-дин Љупчо Димовски, директорот на Канцеларијата за економски развој на УСАИД во Македонија, г-дин Џозеф Лесард и г-дин Драги Димитриевски, декан на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје.

„Вистинскиот напредок за зачувување на нашите природни ресурси за идните генерации крајно ќе зависи од позитивните дејства на ниво на заедниците, од страна на земјоделците, жителите во руралните области и други локални групи кои имаат интерес во зачувување на своите извори на работа и приход“, рече Џозеф Лесард, директор на Канцеларијата за економски развој на УСАИД во Македонија. „Пристапот што го има МРР за развој од основните нивоа, кој во предвид ги зема потребите и приоритетите на луѓето на локално ниво, е за пофалба“.