На 15 октомври 2014 год. во с. Мојанци, Кочани, по седми пат во земјава беше одбележан Меѓународниот ден на руралната жена. Манифестацијата традиционално ја организираа Федерацијата на фармерите на РМ и Мрежата за рурален развој на РМ, со цел да ја истакнат улогата на жената во развојот на земјоделството и руралните средини.

Оваа година настанот собра повеќе од 300 жени од различни краеви на Македонија. Кон присутните се обратија Ратко Димитровски – градоначалник на општина Кочани, Никола Стаменов – Претседател на ФФРМ и Петар Ѓоргиевски – Претседател на МРР на РМ.

Гордана Митровска-Беба – претседател на здружението Етно Беба од Куманово, членка на МРР на РМ, Васка Мојсовска – жена фармер од с.Тимјаник, неготинско и Љубица Џониќ, координатор на мрежата на жени при ФФРМ, споделувајќи ги своите позитивни искуства, испратија апел до жените во руралните средини за покренување заеднички иницијативи и здружено делување во остварувањето на заедничките интереси. Тие ја истакнаа важноста на поттикнувањето и развојот на претприемништвото кај руралната жена и неговото значење за подобрување на економијата во руралните средини.

Во рамките на манифестацијата беше организиран и натпревар во правење традиционална тава, каде учествуваа 8 жени од различни средини и ги истакнаа своите вештини и познавања на традиционалната кујна.

(Галерија)