Традиционално и оваа година Федерацијата на фармери на Република Македонија во соработка со Мрежата за рурален развој на Република Македонија го одбележаа 15 Октомври – Меѓународниот ден на руралната жена. Настанот се одржа во с. Јосифово, валандовско, каде присуствуваа речиси 150 жени од рурални средини ширум земјава. Покрај беспрекорно изработените традиционални предмети и накит, вештите жени изложија вкусна храна подготвена на традиционален начин и карактеристична за регионот од каде доаѓаат.

Претседателот на Управниот Одбор на МРР на РМ, Весела Ламбевска – Домазетова и Претседателот на Федерацијата на фармери на РМ, Никола Стаменов, се обратија на присутните со цел да укажат на важната улога на жената во земјоделството и руралниот развој и да оддадат признание за нивниот труд и придонес во зачувување на традиционалните вредности и обичаи. По настапот на Културно уметничкото друштво „Кирил и Методиј“ од с. Иловица, беа доделени 6 пофалници за жени членки на МРР и Федерација на фармери, коишто дале посебен придонес и активно учествувале во остварување на целите на организацијата и организацискиот развој.

(Gallery)