Претставникот на Мрежата за рурален развој на Република Македонија беше еден од вкупно дваесетeмина претставници од различни Европски земји кои учествуваа на овогодишниот Собир на ПРЕПАРЕ, одржан во Финска и Естонија, во периодот од 5ти до 9ти септември. Претставниците на повеќе национални рурални движења и мрежи имаа можност да научат нешто повеќе и да разменат искуства во рамки на темата „Кревање на гласот на рурална Европа“.

Настанот беше организиран во вид на дводневна теренска посета во рурални средини во околината на Хелсинки и Талин, проследена со еднодневна конференција на 8ми септември. Учесниците имаа можност да видат повеќе добри практики и иницијативи во руралните средини околу големите градови. Организациите СИТИ од Финска и КОДУКАНТ од Естонија, како партнери на ПРЕПАРЕ, ја претставија својата работа и објаснија како во своите земји го управуваат каскадниот процес на размена на идеи и интереси помеѓу локално, регионално и национално ниво.

Конференцијата одржана во Талин, беше фокусирана на процесот на подготовка на вториот Европски рурален парламент (ЕРП) кој ќе се одржи во 2015 год. Успехот од првиот ЕРП одржан во Брисел во 2013 год. кој собра 150 претставници на 30 земји, ги охрабри ПРЕПАРЕ и ЕРКА да ја продолжат иницијативата. Беа споделени главните цели на ЕРП и искуствата од организирање на различни национални рурални парламенти. Во рамки на работилниците, работните групи дискутираа за одредени прашања кои го засегаат руралното население со цел истите да бидат покренати на ЕРП. Исто така беше разговарано за каскадниот процес на собирање идеи од локално ниво и нивно донесување на национално ниво, како и за можностите за финансирање на предстојниот Европски рурален парламент.

Сите присутни ја поддржаа иницијативата и се согласија да ги ангажираат своите ресурси во синтетизирање на идеите и проблемите на руралното население во нивните земји, со цел да го помогнат процесот на организирање на вториот ЕРП.

(Галерија)