На 29 Јануари и 05 Февруари 2019 година во Штип и Струмица беа одржани работилници за програмите за образование на ЕУ, како дел од активноста А.2.2 од проектот “Младите од руралните средини за интеграција на Македонија во ЕУ“. Целните корисници беа невладини организации, ученици од средните училишта и универзитети, како и наставници и професори од Источниот и Југоисточниот регион на Македонија. Огромните можности на ЕУ програмата  ЕРАЗМУС+ беа детално образложени од страна на презентерите од Националната агенција за мобилност и образовни програми на ЕУ. Тие ја презентираа програмата  вклучувајќи модули за академско образование, средно образование, стручно образование, мобилност (размена на студенти), обуки за наставници, како и проекти за иновативна пракса, младински дијалог итн.

Исто така беа објаснети методите за аплицирање и начините за покривање на трошоците за учество и одговорени сите прашања од страна на многубројните учесници  (над 200) на двата настани. По првиот дел од настанот, учесници кои ги искористиле придобивките од програмата ЕРАЗМУС дадоа кратки презентации за нивните искуства, резултатите и  одржливоста на ефектите од програмите.
Настанот беше организиран со помош на локалната организација „Младински клуб“ од Штип и „ЦЕЛОР“ од Радовиш.