Мрежата за рурален развој на Република Македонија (МРР на РМ), на 2ри декември, 2016 год. во хотелот „Континентал“, во Скопје,  го одржа шестото по ред Генрално собрание, во присуство на  повеќе од 50 претставници од 27 здруженија, членки на МРР на РМ.

По усвојување на дневниот ред од страна на присутните, Претседателот на МРР, Петар Ѓоргиевски, имаше кратко воведно излагање напоменувајќи дека во последната измината година Мрежата работеше на повеќе прашања, а најмногу на промоција на мерки за адаптација кон климатските промени во земјоделството, во рамки на проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени. Тој опфати два сегменти од работењето на Мрежата како најзначајни, а тоа се: Проекниот механизам со што се зголемува степенот на отчетност, меѓудругото, помеѓу членките на Мрежата и централната канцеларија, како и кон крајните корисници и вториот сегмент, обуките за здруженијата – членки со што се зајакнуваат нивните капацитети и се создаваат засилени врски со локалните и рурални средини. Тој додаде дека и во иднина ќе продолжи имплементацијата на Проектниот механизам, фокусирајќи ги повиците повеќе кон остварување на целите дефинирани во Стратегијата на Мрежата.

Весела Ламбевска Домазетова, претседателот на Управниот одбор на Мрежата, ги презентираше активностите на Мрежата спроведени во периодот март 2015-декември 2016 година. Таа ги најави и идните планирани активности на Мрежата, меѓу кои активностите поврзани со воспоставување на Национален комитет за семејно земјоделство, процес кој Мрежата ќе го реализира во соработка со ФФРМ и ИРЗ (Институт за развој на заедницата). Во Комитетот ќе имаат можност да членуваат сите здруженија и заинтересирани земјоделци, со цел да се одржи и задржи семејното земјоделство во руралните средини и да се овозможи негова оддржливост со што би се поттикнале луѓето да се вратат или да останат во руралните средини. Овој процес е во почетната фаза, па дополнително за деталите и идните активности информираше Сретен Коцески, претседателот на ИРЗ, преку својата презентација.

Вниманието на присутните го задржа презентацијата на Лилјана Јоноски, координатор на Проектниот механизам, преку која таа ги наведе предностите и придобивките од спроведувањето на Проектниот механизам, како алатка за подобрување на проектното работење и градење на капацитетите во Мрежата. Земајќи го досегашното искуство, таа обрна внимание на различните полиња и области во коишто е потребно да се направи интервенција и подобрување  од страна на здруженијата, со цел во иднина да се реализираат поквалитетни и повлијателни проектни механизми кои ќе придонесат во развојот на руралните средини.