Во периодот од 3 до 5 јуни, 2015 год. во малиот град Лигатне, во Летонија, се одржа вториот Летонски парламент на руралните заедници „Креирање предуслови за развој на малите градови и рурални средини“.  Тродневниот настан организиран од страна на Летонскиот рурален форум и Фондацијата за општествена интеграција, собра околу 250 претставници на различни чинители од руралните средини во Летонија и ширум Европа, меѓу кои беше и претставник на Мрежата за рурален развој на Република Македонија. Учесниците имаа можност да дискутираат на повеќе теми релевантни за руралните заедници и да споделат искуства и добри практики.

Лигатне е мало градче оддалечено 72 км од главниот град Рига. Често е нарекуван „град на пештерите“ заради вкупно 333 пештери во неговата околина. Тоа е местото на најстарата фабрика за хартија во Летонија, основана во 1815 год. Учесниците во парламентот посетија неколку практични иницијативи во близина на Лигатне, кои претставуваа инспиративни идеи за развој на руралните заедници.

Крајната цел на вториот Летонски рурален парламент беше развој на заедничка Резолуција со која заедниците и креаторите на политики ќе се обврзат да преземат специфични акции во текот на следните 2 години, како и некои долгорочни акции.

ПРЕПАРЕ партнерството за рурална Европа, ја искористи оваа прилика, да ги собере своите партнери на 5 и 6 јуни во Рига каде одржа координативен состанок. Покрај тековните теми, на состанокот беше дискутирано за предстојниот, втор по ред, Европски рурален парламент, каде МРР на РМ има активна улога во процесот на собирање и синтетизирање на проблемите и идеите произлезени од руралното население во Македонија и нивното адресирање на национално и ниво на ЕУ.

(Галерија)