Мрежата за рурален развој (МРР) е една од партнерските организаци во Програмата на УСАИД за подобрување на работењето на организациите имплементирана од ДЕТРА Центар. Основна цел на Програмата е подобрување на изведбата на оние организации што се сметаат како клучни за развојот на државата и целите што УСАИД Македонија се стреми да ги оствари. Како дел од Програмата, МРР добива експертска поддршка за зајакнување на својата структура, подобрување на своите работни процеси, како и јакнење на капацитетите на своите вработени и на претставници од организациите членки на Мрежата.

Според спроведената проценка од ППРО и дијагностицираните потреби, фокусот на интервенциите во периодот Јуни-Декември 2014г. е поставен на две области: капацитет за стратешко и оперативно планирање и проектен менаџмент.

Во спроведување на предвидените активности учествуваат претставници од централната канцеларија, како и претставници од организациите членки на Мрежата. Поддршката од ППРО се остварува преку реализација на работни и менторски средби, како и низа работилници со експерти од  одредени области.

Слика 1, Работилница за интегрирано годишно планирање

Во сегментот кој го опфаќа капацитетот на мрежата и членките за стратешко и оперативно планирање, МРР спроведе процес на ревизија на постоечкиот стратешки план. Во таа насока беа реализирани четири работилници на кои се спроведе анализа на внатрешните организациски капацитети и контекстот на работа на Мрежата, по што беа ревидирани и визијата и мисијата на Мрежата, а се дефинираше стратешкиот фокус за наредните три години. Ваквиот процес овозможи широка вклученост на членките на Мрежата на различни начини со што се придонесе кон засилување на комуникацијата и продлабочување на припадноста и заедништвото во Мрежата. Стратешкиот план на МРР беше финализиран во септември 2014 г. по што Мрежата заедно со ППРО одржа две промоции на истиот во регионалните канцеларии во Пехчево и Гостивар.

Изработката на Годишната програма на Мрежата, беше спроведена преку серија работилници и менторска поддршка во текот на месец ноември и декември. Се одржа работилница за интегрирано планирање на Мрежата каде учествуваа претставници од организациите членки кои се запознаа со важноста на процесот за интегрирано годишно планирање, придонесот кој од нив се очекува во процесот на интегрирано планирање, природата и опсегот на комплетниот процес за годишно планирање како и на неговите клучни елементи и димензии. Како резултат од работилницата учесниците дефинираа приоритетни активности за МРР во претстојната 2015 година и развија неколку заеднички активности на членките и МРР. Понатаму, помала работна група продолжи да работи на развој на Годишната програма како конкретен документ кој треба да биде усвоен на седницата на Собранието на МРР планирана за во март 2015 година.

Слика 2, Обука за внатрешни интегратори/фасилитатори

Со цел да се создаде внатрешна група на потенцијални тренери и обучени фасилитатори кои ќе можат самостојно да ги раководат и фасилитираат активностите на Мрежата во доменот на градење капацитети, ППРО реализираше обука за внатрешни интегратори. На оваа обука група од 12 претставници од организациите членки ги подобрија своите фасилитаторски вештини и беа запознати со пристапот на работа кој ДЕТРА Центар го користи во рамки на својата СКИТОП методологија. Понатаму, помала група од овие учесници посети обука за обучувачи за подготовка и развој на стратешки и годишни планови. Оваа група на тренери, со менторска поддршка од ППРО, го спроведе процесот на развој на 5 стратешки и 5 годишни планови на членки од Мрежата. Конечните верзии на стратешките и годишните планови се очекуваат до март 2015 година.

Вториот фокус на поддршка од ППРО за Мрежата се однесува на зајакнување и развој на капацитети за проектно работење. За таа цел во текот на октомври и ноември беше организирана работилница за раководење со проектен циклус составена од два модула на која учествуваа претставници од организациите членки заедно со учесници и од другите партнерски организации на ППРО. Учесниците работеа на развивање на своите проектни идеи користејќи ја методологијата на Логичка рамка и имаа можност да се здобијат со знаења за логика на интервенција, проектни резултати, индикатори и буџет. Како резултат на оваа работилница, две организации членки на Мрежата – “Моја фарма” и “Козјачија во срцето”, развија заедничка проектна иницијатива која прерасна во апликација за повикот на Програмата на Американската Амбасада за мали грантови. Иницијативата e идентификувана преку директен контакт со жените од руралните региони на Куманово и Гостивар и има за цел да ја зголеми свесноста за важноста од еманципацијата на жените во руралните подрачја.

Слика 3, Регионален информативен настан

Понатаму, Мрежата со поддршка на ППРО реализираше две работилници за развој на модел за проектен менаџмент. Во овој процес беа вклучени членови од управувачката структура заедно со неколку претставници од членките на Мрежата. Работната група разви рамка за одржлив проектен механизам внатре во Мрежата со кој ќе биде поддржана подготовка и имплементација на мали проекти согласно методологијата на проектен циклус. Почнувајќи од декември, Мрежата го започна процесот на пилотирање на овој модел. Откако беа развиени сите потребни процедури и назначени одговорни тела, се објави повикот за поддршка на проектни предлози од членките кој беше проследен со неколку регионални информативни настани раководени од претставници на Мрежата. По завршување на рокот за пријавување одговорното тело ги разгледа апликациите и селектираше три организации ( Цвет – Крушево, Организација на жените – Пехчево и Сложувалка – Гевгелија) кои ќе добијат финансиска подршка за реализирање на своите проектни активности. При тоа еден од клучните критериуми за квалификација беше воспоставувањето партнерства помеѓу членките во имплементацијата на проектни идеи.