Денес, во Скопје, Мрежата за рурален развој на РМ и инвестициската група М6 потпишаа Меморандум за соработка за поставување на метеоролошка станица на локацијата „Лепово“, неготинско, сопственост на М6. Со овој договор М6 му овозможува на проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени, бесплатно да користи простор во винаријата. Од друга страна, М6 ќе има пристап до информациите добиени од метеоролошката станица и ќе може да ги користи за свои потреби и да ги споделува со производителите во локалната заедница со цел за подобрување на производството.

„Споделувањето на податоците со лозарите во регионот ќе придонесе во зајакнувањето на капацитетите на винскиот сектор и се надеваме дека со ова ќе се поттикне нивната понатамошна соработка“, рече Роберт Вурц, Директор на Мисијата на УСАИД во Македонија. „Важно е да се истакне дека информациите за временските услови коишто ги собираме ќе им помогнат на земјоделците во донесувањето одлуки и подобрувањето на нивната работа. Ова ќе ја подобри нивната способност да се адаптираат кон климатските промени и на тој начин да го зачуваат или подобрат нивото на работа и приход.“

„Климатските промени со голема брзина ги менуваат условите во земјоделството, а со тоа и во другите области поврзани со него и затоа сме среќни што можеме да се вклучиме во овој проект. Со тоа ја надополнуваме својата дефинирана општествено одговорна функција за помош на секторот и негово што поуспешно соочување со предизвиците што ги наметнуваат климатските промени во Македонија, чии последици веќе се чувствуваат“, изјави по потпишувањето на Меморандумот, Светозар Јаневски од инвестициската група М6, потенцирајќи дека со ова се отвора вратата за уште поширока соработка со проектот кој го спроведува Мрежата за рурален развој на Македонија.
Поставувањето на метеоролошката станица ќе му помогне на проектот во следењето на временските услови, што е неопходно за утврдување и тестирање на различни техники за адаптација кон климатските промени во земјоделството. Преку соработка со локалните земјоделци ширум целните региони на проектот, Мрежата за рурален развој ќе овозможи понатамошна примена и прилагодување на овие техники низ повеќе заедници.