На 26 и 27 мај, претседателот на Европската ЛЕАДЕР асоцијација за рурален развој – ЕЛАРД, г-ѓа Кристина Таметс, ја посети Македонија заедно со двајца претставници на Националната мрежа за рурален развој на Естонија и Министерството за рурален развој на Естонија. Мрежата за рурален развој на Република Македонија – МРР на РМ, како членка на ЕЛАРД од 2011 год., ја организираше оваа дводневна посета со поддршка на проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени.

На дебатата организирана на 26 мај во Скопје, беа презентирани искуствата во спроведувањето на ЛЕАДЕР пристапот во земјите членки на ЕУ и улогата на ЕЛАРД во овие процеси, како сојуз на повеќе од 1250 Локални акциски групи во 22 земји. Претставниците на Националната рурална мрежа  и Министерството за рурален развој на Естонија, ги споделија искуствата стекнати во процесот на спроведувањето на ЛЕАДЕР во Естонија. На дебатата присуствуваше и г-ѓа Билјана Костовска, раководител на телото за управување со ИПАРД, од Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство на Р. Македонија, која ги презентираше активностите поврзани со ЛЕАДЕР пристапот како дел од новите мерки на ИПАРД програмата во новиот програмски период 2014-2020. Претседателот на МРР на РМ, г-дин Петар Ѓоргиевски, пред присутните ги претстави досегашните активности и поддршка од страна на Мрежата за рурален развој во процесот на афирмација на ЛЕАДЕР пристапот во Македонија и воспоставувањето на пред-ЛАГ иницијативи.

Во текот на 26 и 27 мај, делегацијата од Естонија ги посети пред-ЛАГ иницијативите во кумановско – ЛАГ „Абер 2015“ и ЛАГ „Гласот на селото“ и во струмичко – ЛАГ “Беласица-Огражден“, како и членовите на ЛАГ иницијативата од регионот на Гевгелија, Валандово, Дојран и Богданци. Посетителите имаат можност да видат дел од историското и природно богатство на регионите, како потенцијали за развој на понатамошни иницијативи. Исто така, во Куманово, беше организирана посета на  „Еко грин пулп“ – фабрика за рециклирање на хартија и производство на табли – подлошки за јајца, која е членка на ЛАГот „Абер 2015“ како претставник на бизнис секторот. Уште еден пример на локални иницијативи беше „Локалната кампања за справување со климатски промени“, спроведена од НВО „Планетум“ и „Фестивалот на диви смокви“ спроведен од НВО „Слоу фуд Огражден“, двете организации членки на пред-ЛАГ Беласица-Огражден. Гостите беа импресионирани од Габровските водопади чија околина беше уредена во рамките на заедничкиот проект на Центарот за развој на југоисточниот плански регион и општина Струмица.

Средбите остварени во текот на дводневната посета, вродија можности за натамошна соработка во насока на зајакнување на капацитетите на чинителите на овие пред-ЛАГ иницијативи преку трансфер на знаење и искуства поврзани со процесот на спроведување на ЛЕАДЕР пристапот.