Мрежата за рурален развој на Република Македонија (МРР на РМ) преку проектот на УСАИД за Адаптација на земјоделството кон климатските промени поддржа проектни иницијативи спроведени од членки на МРР кои имаа за цел да ги промовираат руралните средини и да придонесат во развојот на руралниот туризам во земјава.

„Промоција на потенцијалите за развој на руралниот туризам – РУРАЛНА СТРУГА“ е проектна иницијатива спроведена од здружението Креативен центар „Рурбанкулт“ во соработка со здружението за еднакви можности „Езерка“. Целта на оваа иницијатива беше преку изработка на видео материјал во кој беа презентирани природните ресурси и убавини, традицијата и постоечките сместувачки капацитети на 5 струшки села (с.Вевчани, с.Вишни, с.Горна Белица, с.Радожда и  с.Јабланица)  да се поддржи промоцијата и развојот на руралниот туризам во струшкиот регион. На промотивниот настан кој се одржа на 19 септември во Струга, беа присутни голем број странски туристи, што ја потврдува заинтересираноста за ваквиот тип на туризам и убавините на струшките села.

Претседателот на Мрежата за рурален развој на Република Македонија, Петар Ѓоргиевски смета дека во овој регион има локации кои се непознати, особено за туристите што доаѓаат во летниот период, но и во текот на целата година.
– Локациите беа прикажани преку видео материјал од кој може да се доловат сите убавини, каде што сите вљубеници во планинарењето, природата, па дури и екстремните спортови може да ги користат и да уживаат, рече Георгиевски.

Тој изрази надеж дека промоцијата ќе побуди интерес не само кај туристите, туку и кај локалните самоуправи за подобрување на инфраструктурата и пристапноста и за проширување на понудата.
Зоре Кленкоска од здружението „Рурбанкулт“ најави и други вакви проекти за промоција на убавините и природните богатства во Струшкиот регион.

Друга слична иницијатива беше поттикната и спроведена од страна на „Гласот на селото“ и Центар за рурален развој „Бујрум“. Тие изработија документарен филм за Бислимската Клисура „Дојдете!,Видете!,Уживајте! И зборувајте за убавините на Бислимската клисура“ чија промоција се одржа на 9 септември во Куманово.
– Проектот има исклучително значење, особено за кумановскиот регион, бидејќи, нуди можности за развој на алтернативниот туризам. Овој регион е крај кој е релативно непознат во Македонија, особено за оние кои не се од кумановско и ова е извонредна можност на еден ваков начин проектот да се промовира за понатамошниот развој на овој тип на туризам и за потенцијалните инвеститори кои можат да најдат интерес во развивањето на Бислимската клисура, изјави претседателот на Мрежата за рурален развој, Петар Ѓорѓиевски.
– Проектот треба да ги привлече инвеститорите во регионот помеѓу селата Пчиња и Орашац на подрачјето каде се простира клисурата. Претходно, за клисурата изработувани се студии, конкретно од Центарот за развој  на североисточниот регион, кои укажуваат дека е локација која може да се искористи за економски развој, изјави Елизабета Цветковска од организацијата „Гласот на селото“.

Бислмиската клисура е природен уникат, лоциран по течението на Пчиња, во овој дел од Македонија. Карактеристични за неа се неколкуте пештери, ендемски видови од растителниот и животинскиот свет, кои нудат можност за искористување на потенцијалите на развој на овој кањон кој се протега на површина од седум километри.

(Галерија)