Мулчирањето е една од мерките кои се тестираат во рамки на проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени.

„Мулчирањето претставува нанесување на прекривка на одредена почвена површина со мулч, со цел да се создадат одредени, најчесто позитивни услови, како врз почвата,така и врз растенијата. Покрај тоа што го спречува развојот на плевелната вегетација, мулчирањето го спречува испарувањето на водата и влијае во зачувувањето на физичките и хемиските својства на почвата. Позитивно влијае врз дневно-ноќните почвени температури, во одржувањето на концентрацијата на СО2 во воздухот непосредно околу растенијата, во намалувањето на влажноста на воздухот, подобрувањето на микробиолошката активност, во намалувањето на опасноста од развој на разни растителни болести итн. Докажано е дека оваа мерка ја чува структурата на почвата и ја штити од создавање на почвена покорица, ја спречува (намалува) почвената ерозија, го забрзува порастот и развојот на земјоделските растенија во целост во текот на вегетацијата со што се обезбедува нивно порано стасување за прибирање, а со тоа се постигнува повисока цена на земјоделскиот производ.“ – напиша за „Моја земја“ проф. д-р Зоран Димов.

На 11 март 2013, на лозов насад во Неготино, беше направена демонстрација на практична примена на мулчер. Процесот и постапката на мулчирање беа снимени, а материјалите ќе бидат искористени во креирањето на советодавни пакети, кои понатаму ќе се дистрибуираат до сите целни групи преку работилници и други соодветни медиуми.

(Галерија)