Мрежата за рурален развој на Република Македонија во рамките на проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени на 31ви јануари во Росоман, организираше демонстративна обука за вршење на правилна резидба кај праска. На обуката присуствуваа земјоделци – одгледувачи на праска од регионот на Росоман, кои имаа можност да научат повеќе за придобивките и ефектите од начинот на резидба на праската.

Целта на резидбата е воспоставување физиолошка рамнотежа помеѓу прирастот и плодоносењето, одржување на овошките во кондиција,  обезбедување на добар квалитет на плодовите и продолжување на векот на експлоатација на насадите.

Експертите вклучени во проектот ги аргументираа позитивните и негативните ефекти од примената на долга и кратка резидба. Тие ги објаснија причините за настанувањето последици од долгата резидба како што се неизедначен квалитет на плодовите и пролонгирање на периодот на бербата. Во последниот период  во потоплите региони и  кај праската започнаа да се чувствуваат негативните последици од директната изложеност на плодовите на силните сончеви зраци во топлите летни денови. Оваа појава повеќе е изразена кај плодовите кои се распоредени по должина на свиснатите родни гранчиња кои настануваат како резултат на долгата резидба.

Од друга страна, експертите ги потенцираа позитивните резултати од кратката резидба на праската и нејзината улога во заштита на плодовите од штетното влијание на сончевите зраци. Така, кај кратката резидба, квалитетот на плодовите е многу подобар и поуедначен. Додека кај долгата резидба 65 % од плодовите се со екстра класа, кај кратката резидба 90 % од плодовите се со екстра квалитет.

(Галерија)