На 6ти март, 2013, на насад со винови лози во Неготино, експертите вклучени во проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени, извршија демонстрација на Т-систем на кроење на винова лоза. Ваквиот систем на одгледување односно кроење генерално треба да обезбеди рамнотежа меѓу вегетативниот пораст и продуктивноста.

Системот на одгледување влијае на многу елементи како што се диференцирањето на родни окца, транспирација на листовите и изложеност на гроздовите на светлина. Системите на одгледување кои најчесто се застапени во лозарското производство се карактеризираат со вертикален распоред на ластарите. Кај ваквиот распоред на ластарите, гроздовите се директно изложени на сончевата светлина. Во услови на појава на екстремни температури како рeзултат на климатските промени, ваквата поставеност предизвикува појава на изгореници, посебно ако редовите во насадот се во правец север-југ. Примената на специфичен начин на кроење е една од адаптивните мерки која до одреден степен може да го намали штетното влијание на високите температури и сончевата радијација. Т-системот на кроење се карактеризира со поставеност на родните ластари под агол од 45°, што овозможува засенчување на гроздовите.

(Галерија)