На 23 август во овоштарник со круши, во Младо Нагоричане, кумановско, Мрежата за рурален развој организираше теренска работилница во рамки на активностите на проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени. Спроведувајќи кампањи за зајакнување на јавната свест за предизвиците и ефектите од климатските промени, во комбинација со програма за градење на капацитети, проектот има за цел да развие и дисеминира достапни земјоделски адаптивни практики.

На работилницата присуствуваа 17 земјоделци, овоштари, од околните кумановски села кои имаа можност да научат и подетално да се информираат за адаптивните земјоделски мерки коишто се тестираат во овоштарството во рамки на проектните активности. Техничките експерти во областите на овоштарството и конзервација на вода во почва, на опитното поле креирано од проектот спроведоа комбинација од теоретски и практични едукативни сесии. Експертот ги демонстрираше УВ заштитните мрежи поставени во овоштарникот, го објасни процесот на правилна инсталација на УВ мрежите во овоштарници и спроведе информации за типови на УВ мрежи (со различно засенчување) за различни овошни култури. Експертот за конзервација на вода даде објаснување за повеќе видови на системи за наводнување и практики за фертиригација, демонстрирајќи различни средства, апарати (тензиометри итн.) за мерење на влажност во почва. На присутните им беа пренесени дел од искуствата и знаењата стекнати за време на студиската посета во Израел вклучувајќи информации за новите технологии и мерки за адаптација во земјоделското производство. Бројни корисни совети и инструкции за примена на различни земјоделски адаптивни практики  беа овозможени од страна на експертите, со цел да им помогнат на земјоделците во заштитата на овошните култури од штетните влијанија на климатските промени.

(Галерија)