На 22.11.2013 година, Мрежата за рурален развој на Република Македонија го одржа своето трето Годишно собрание на кое присуствуваа 44 претставници на организациите  – членки на МРР.

Годишното собрание го отвори претседателот на Мрежата за рурален развој на РМ, (МРР), г-дин Петар Ѓоргиевски, посакувајќи им добредојде на сите присутни членки на МРР. Веднаш по неговото обраќање, г-ѓа Весела Ламбевска Домазетова, претседател на Управниот одбор на МРР на РМ,  ги презентираше реализираните активности на Мрежата за рурален развој во периодот 2012/2013 година. Своја презентација имаше г-дин Васко Хаџиевски на тема „Влијание на климатските промени во различни инфраструктури“. Тој  предизвика голем интерес и внимание кај присутните објаснувајќи ги карактеристиките на различни типови инфраструктура, потенцијалните влијанија од климатските промени врз истите, како и можностите за адаптација. Александра Тодоровска од Мрежата за рурален развој на Република Македонија, се обрати директно до членките, покренувајќи прашања во однос на тековната комуникација и споделувањето информации со организациите членки. Таа изрази официјално добредојде на трите нови членки кои се вклучија во МРР во текот на 2013 год. и информираше за подготовката на новиот број на електронскиот билтен.

На крајот од излагањето на сите говорници, беше отворена дискусија, при што имаше конструктивни предлози од страна на членките.

Петар Ѓоргиевски испрати апел до сите организации за поголема проактивност и иницијативност од нивна страна. Потребно е идеите да потекнуваат од самите членки и потребите во руралните средини, а Мрежата е спроведувач на истите на повисоко ниво, согласно со bottom-up пристапот, што претставува основа на нејзиното работење.

По завршување на Годишното собрание беше организирана активност за вмрежување на организациите членки на МРР со цел подобро меѓусебно запознавање и остварување можности за соработка, преку презентација на своите здруженија и активности на однапред поставените штандови.