На 15 декември 2016 год., во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени со свечен настан ги одбележа резултатите од петгодишната успешна работа во воведување на едноставни и исплатливи земјоделски адаптивни практики кои адресираат значаен проблем како што се климатските промени. Мерките и техниките за адаптација кон климатските промени коишто беа спроведени во 28 демонстративни полиња и фарми, им помогнаа на земјоделците да го зачуваат приносот и да го подобрат квалитетот на производите. Извонредните резултати добиени од адаптивните практики кои беа тестирани во 6 модули: овоштарство, лозарство, градинарство, загуба на почва, заштеда на вода и сточарство, беа сумирани во брошури, студии и видео материјали, коишто придонесоа кон зголемена свест и знаење кај земјоделскиот сектор во Македонија. Овој проект резултираше со зголемување на бројот на земјоделци кои употребуваат некои од адаптивните мерки како: УВ заштитни мрежи во градинарството, аплицирање на добротворната габа за поголемо впивање вода од почвата, Т-систем на кроење кај трпезно грозје и користење на калциум карбонат во лозарството, кратка резидба кај овошките итн.

Во својот говор, Директорот на Мисијата на УСАИД во Македонија, г-дин Џејмс Стајн, забележа:

„Во Македонија, речиси половина од руралното население е економски зависно од земјоделското производство. За да се подготвиме за штетните влијанија од климатските промени и да ги намалиме таквите негативни влијанија кај земјодлските култури и сточарството, неопходни се практични адаптивни методи и  брзи локални акции. Методите коишто ги користиме за да ги заштитиме нашите заедници мора да се фокусираат на соработка, интеграција, иновација и партнерства. Мора да го користиме пристапот од долу – нагоре, каде локалните актери ја дизајнираат стратегијата и избираат акции, бидејќи тие се оние коишто се најблиску до проблемот, а оттука и најблиску до решението. И честитам на Мрежата за рурален развој која воведе пионерски, иновативни и исплатливи мерки за адаптација кон климатските промени, за да им помогне на индивидуалните земјоделци да го зачуваат својот извор на егзистенција.“
Директорот на проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските проемни, г-дин Петар Ѓоргиевски, заедно со техничкиот експерт на проектот, проф. д-р Душко Мукаетов, земјоделецот и корисник на проектот, г-ѓа Васка Мојсовска, претставникот на Локална акциска група, г-дин Столе Глигоров, претставникот на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ), г-ѓа Савка Маркудова и претставник од Мрежата за рурален развој, г-ѓа Лилјана Јоноски, исто така се обратија на настанот.

Мрежата за рурален развој на Република Македонија, како спроведувач на проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени, воспостави формална соработка со АПРЗ, со цел да го подобри капацитетот на македонските земјоделски советници, кои ќе придонесат во имплементацијата на апликативните земјоделски практики и ќе осигураат одржливост на активностите на проектот на долг рок.