На 17 септември, на Земјоделскиот институт, во општина Бутел, скопско, проектот на УСАИД за Адаптација на земјоделството кон климатските промени пред околу 40 земјоделци и советници на АПРЗ (Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството), ги презентираше резултатите добиени од показното поле коешто беше поставено есента, 2012 год. Преку организирање на посета на ова ерозивно поле, проектот се стреми да ја зајакне свестa на  сите чинители за негативното влијание на климатските промени врз ерозијата на почва и да ги научи како да ги намалат таквите негативни ефекти преку подобрување на структурата на почвата, зголемување на влагата и хранливите материи во почвата.

Тимот на проектот заедно со проф. Д-р Душко Мукаетов, од Земјоделскиот институт, ги адресираа проблемите со ерозија на почвата како резултат на негативното влијание од климатските промени и претставија мерки за справување со ерозијата во земјоделството: начини на обработка на почвата – по должина на наклонот и попречно и употреба на таканаречените покровни култури, кои ја спречуваат ерозијата и го зголемуваат нивото на хранливи материи во почвата.

Мрежата за рурален развој на РМ започна да го спроведува проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени во април 2012. Целта на проектот е да им помогне на земјоделците да го зачуваат нивото на приход преку намалување на штетите предизвикани од промените во животната средина. Проектните активности се фокусирани во медитеранската зона, вклучувајќи го Вардарскиот регион со делови од струмичко и гевгелиско – земјоделско богати области коишто се под најголемо влијание од климатските промени.

(Галерија)