Со заедничка соработка помеѓу Федерацијата на фармери на Република Македонија (ФФРМ), Мрежата за рурален развој на Република Македонија (МРР на РМ) и нејзината организација – членка, здружението Хорти Еко, на 26 октомври во с. Мокрино, струмичко, беше организирана овогодинешната манифестација „Етно ден на младите фармери во Македонија“. Настанот беше збогатен со настапот на музички и играорни групи од Македонија и соседна Бугарија. На повеќе паноа беа изложени фотографии од сите досега одржани манифестации по повод денот на младите фармери како и детски цртежи од повеќе училишта во струмичкиот регион.

„Иако на прв поглед се чини дека младите фармери во нашата земја ги има сè помалку, сепак тие претставуваат значајна алка во развојот на земјоделскиот сектор во Република Македонија. Иновативноста, храброста и ентузијазмот, што пред сè се карактеристики на младите, се подеднакво клучни како за развојот на земјоделското стопанство, така и за руралниот развој на локалната заедница каде што истите делуваат.“ – истакна во својот поздравен говор Марија Трпевска, претставник на Мрежата за рурален развој на Република Македонија. Покрај неа, свои обраќања имаа Никола Стаменов – претседател на ФФРМ, Томе Тимов – координатор на ФФРМ и претседател на здружението Хорти Еко и претставник од Прокредит банка, кои ја истакнаа важната улога на младите фармери во зачувување на традицијата и културното наследство.

Крајната цел на настанот беше да се промовира важноста на иницијативите и активностите на младите во зачувување и развој на руралните средини и да се поттикне нивно заедничко, проактивно учество во подобрување на земјоделскиот сектор во земјава.

Ден предходно, на 25 октомври, во Струмица, се одржа годишниот состанок на Мрежата на млади фармери на ФФРМ. На состанокот беа присутни повеќе млади фармери и жители од струмичкиот регион, кон кои се обратија Никола Стаменов – претеседател на ФФРМ и Марија Трпевска како претставник на Мрежата за рурален развој на Република Македонија. Владо Србиновски, претседателот на Балканија – Балканска Асоцијација за алтернативен туризам, имаше своја презентација на темата „Перспективите на младата рурална популација во агротуризмот во Македонија.“ Проф. Д-р Вјекослав Танасковиќ од Факултетот за земјоделски науки и храна сподели некои од резултатите постигнати од досега спроведените активности во рамки на проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени, имплементиран од МРР на РМ.  Тој ги запозна присутните со влијанието од климатските промени врз земјоделското производство и даде објаснување за мерките за конзервација на вода, чија примена е неопходна за да се намалат штетните ефекти од истите.

Младиот фармер и претседател на здружението Хорти Еко, Томе Тимов, по завршување на состанокот, за посетителите организираше прошетка и разгледување на природните богатства што ги нудат руралните средини во околината на Струмица. Беа посетени 2 манастири во струмичките села, Водоча и Вељуса, кои датираат уште од IV и XI век.

(Галерија)