На 2 и 3 јули, во Виница, во рамките на проектот „Биди пчелар!“  имплементиран од страна на организациите АГРО-ВИНКА од Виница и ПОЛИМАТ 13 од Богданци, се одржа обука за афирмација и развој на пчеларството која вклучуваше теренска посета на пчелни заедници.

На обуката со која беа опфатени 20 учесници од општините Богданци и Виница, искусен предавач ги пренесе своите знаења за планирање, организирање и управување со пчелни заедници, начини за подобрување на технолошките постапки за зголемување на приносите, како и за редуцирање на ризиците поради кои се намалуваат приносите и бројот на продуктивни пчелни заедници.

Беше реализирана и посета на пчелни заедници во Виница при што пчеларите од двете општини имаа можност да разменат искуства и да ги споредат начините за одгледување на пчели, а воедно и да се информираат за различни пракси кои придонесуваат за зголемување на приносите.

Проектната иницијатива е поддржана од Проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени спроведуван од Мрежата за рурален развој на РМ со цел да ги подобри капацитетите на организациите членки на МРР и да создаде партнерства за понатамошна заедничка реализација на активности од областа на руралниот развој.