На 21 декември, проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени презентираше сеопфатен извештај за наодите добиени од тригодишното тестирање на различни ефикасни и воедно исплатливи практики што ќе им помогнат на земјоделците да ја намалат ранливоста на земјоделското производство од негативното влијание на климатските промени. Проектот работеше со 17 земјоделци за да ги утврди најефикасните адаптивни мерки. Извештајот ќе биде достапен на пошироката земјоделска заедница, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за животна средина и просторно планирање, како и многу образовни и научни институции.

Во своето обраќање, Директорот на мисијата на УСАИД во Македонија, истакна дека „ И покрај тоа што е извонреден успех, договорот за глобалните климатски промени потпишан во Париз на почетокот на овој месец од страна на претставници од 195 земји, е само првиот чекор во долгиот пат за пренасочување на планетата во вистинскиот правец.  Дури и ако сите се залагаме драстично да ги намалиме емисиите на стакленички гасови, научниците велат дека ќе се справуваме со овие негативни ефекти уште многу долго време. Стекнувањето поголема отпорност на нив останува врвен приоритет.“

Министерот за земјоделство и Директорот на проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени имаа свои обраќања, пред презентациите на професорите од Факултетот за земјоделски науки и храна и Земјоделскиот институт.

Според анализите дадени во неодамнешната студија на УСАИД за адаптација на земјоделскиот сектор кон климатските промени, Македонија може да очекува екстремни варијации во температурата, помалку врнежливи периоди но пофреквентни краткотрајни и интензивни дождови што доведуваат до поплави и ерозија на почвата, зголемено сончево зрачење, како и зголемување на потребата за вода што се должи на топлината. Бидејќи речиси половина од руралното население во Македонија е економски зависно, итна е потребата од спроведување брза акција и практични адаптивни методи.

Почнувајќи од април 2012, проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени, спроведуван од Мрежата за рурален развој, им помага на земјоделците да го зачуваат нивото на приход преку ублажување на пречките за оптимален принос предизвикани од промените во животната средина.

Проектните активности се фокусирани во медитеранската зона, вклучувајќи го Вардарскиот регион со делови од струмичко и гевгелиско – земјоделско богати области коишто се под најголемо влијание од климатските промени.

(Галерија)