Од 6ти до 9ти септември, 2012 година во градот Ронеби, во шведската област Блекинге, се одржа 12-тиот по ред Шведски Рурален Парламент. На настанот учествуваа над 500 учесници од Шведска, членови на ЛАГ-ови и интернационални гости – претставници на повеќе од 20 земји од Европа. По покана на Шведската мрежа за рурален развој, МРР на РМ имаше свои претставници на овој настан. Настанот свечено го отвори министерката за родова еднаквост на Шведска г-ѓа Ниамко Сабуни и претседателите на шведската мрежа за рурален развој „All of Sweden shall Live“ г-ѓа Инез Абрахамсон и г-дин Кенет Нилсхем.

На овој собир учесниците имаа можност да ги споделат своите идеи, да разменат мислења, ставови и прашања. Тие ја истакнаа важноста на овој настан за вклучување на граѓанскиот сектор и движењето за рурален развој во државните политики и стратегии за рурален развој. Особено значаен беше придонесот на младите како во организацијата на настанот, така и во дебатите за нивната улога во иднината на руралните средини.