За Нас

Историјат

Сојузот на граѓански здруженија „Мрежа за рурален развој на Република Македонија“ – „МРР на РМ“, се основа во март 2010 година во Скопје, како движење организирано на национално ниво, со цел да им се даде глас на руралните заедници во Република Македонија.

Целта на МРР на РМ е да се демонстрира структуриран пристап кон мобилизација на руралните заедници, за тие да станат посилни застапници на локалниот развој и да учествуваат во руралната политика на локално, регионално, национално и ниво на ЕУ. Ова опфаќа воспоставување ефикасна соработка и взаемна помош помеѓу поединци и организации во руралните области, со цел обезбедување ефикасно претставување на потребите, гласот и интересите на руралното население, како и обезбедување проток на информации помеѓу владините и невладините тела на сите нивоа.

Воспоставувањето на рурална мрежа во Македонија е јасна и конструктивна идеја, заснована на цврста основа од луѓе и знаење, која што се создаде преку спроведување активности налик на LEADER, а кои што беа поддржани од страна на Програмата за поддршка на советодавните услуги во земјоделството во Македонија (МААСП), финансирана од страна на Шведската агенција за меѓународен развој (Сида) во изминатите три години. LEADER значи „Врски помеѓу акциите за рурален развој“ и претставува метода на иницирање и спроведување рурален развој во локалните рурални заедници.

Подготовката за спроведување на оваа идеја се заснова на три важни процеси:

  1. Професионална, внатрешна подготовка за воспоставување стабилни темели на мрежата.
  2. Интензивно надворешно усогласување со цел да се гарантира учество и разбирање од страна на потенцијалните членови, како и дискусија со клучните учесници за изградба на потребните партнерства и поддршка на идната соработка со нив.
  3. Подготовка и дискусија за планот за финансии, управување и наоѓање финансиски извори.