Овогодишната Чешка национална конференција беше организирана во периодот од 1-3 октомври, во малото гратче Нове Хради кое се наоѓа на само неколку километри од Чешко-Австриската граница.

Националната конференција „Рурален простор 2012“ беше одржана во време кога еден програмски период завршува  а новиот е во подготовка, на место каде се сретнуваат два сосема различни светови, во период кога е нејасна разликата помеѓу град и рурална средина до онаа граница кога станува тешко да се дефинира што е рурална средина. 280 претставници од Локалните акциски групи во Чешка, претставници на повеќе министерства, невладиниот и бизнис секторот во Чешка, дискутираа за проблемите на вкупно 160 ЛАГ-ови формирани врз основа на ЛЕАДЕР пристапот и се обидоа да пронајдат оригинални решенија за нивна самоодржливост.

На конференцијата, учество земаа двајца претставници на Мрежата за рурален развој на Република Македонија, еден претставник на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на РМ, претставник од консултантска компанија  и советникот на градоначалникот на општина Делчево.  За времетраење на конференцијата, тие одржаа состанок со претставниците на Министерството за земјоделство на Република Чешка и претставници на неколку Локални акциски групи од Чешка. На средбата беа разменети искуствата во рамки на ЛЕАДЕР пристапот,неговата имплементација во Република Чешка и начинот на функционирање на ЛАГ-овите, нивната меѓусебна соработка како и можностите за интернационална соработка.

 

Состанокот резултираше со уште една договорена средба, овој пат во Р. Македонија, отворени можности за натамошна заедничка соработка и понудена поддршка од страна на чешките претставници за имплементација на ЛЕАДЕР пристапот на национално ниво во Македонија.