На 16.08.2012 во просториите на Црвениот крст, Скопје, беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Мрежата за рурален развој на РМ и Црвен крст на Република Македонија.
Двете организации се согласија да обезбедат меѓусебна соработка, координација во делувањето за реализација на програми од повеќе области, внатрешна поддршка и соработка со други институции и организации и се ангажираа да реализираат одредени заеднички иницијативи.
Како една од специфичните цели на соработката е адаптација кон климатските промени во руралните средини, во чии рамки Меморандумот ги објаснува главните насоки за заедничката соработка помеѓу проектот на УСАИД за Адаптација на земјоделството кон климатските промени, имплементиран од Мрежата за рурален развој на Република Македонија и Мрежата за климатски одговор, формирана во рамките на регионалниот ЕУ ИПА проект „Форум на Југоисточна Европа за адаптација кон климатски промени“, кој во Македонија е имплеметиран од Црвениот крст.
Од договорената соработка во оваа област се очекува заедничко промовирање на сознанијата за ефектите од климатските промени во областа на земјоделското производство; размена на информации за активностите, праксата и истражувањата; презентирање на можностите за изнаоѓање на апликативни решенија во справувањето со главните пречки предизвикани од климатските промени за намалување на штетите во земјоделството; како и зголемување на свесноста за ефектите од климатските промени во земјоделскиот сектор и нивното влијание врз здравјето на земјоделците.
Претседателот на Мрежата за рурален развој на РМ, Петар Ѓоргиевски и Генералниот секретар на Црвениот крст на Република Македонија, м-р Саит Саити, го затворија настанот искажувајќи надеж за долгорочна, успешна соработка во остварувањето на заедничките цели.