Меѓународниот ден на жената од руралната средина – 15-ти октомври, годинава беше одбележан со настан во Демир Капија, кој го организираше Националната федерација на фармери (НФФ) и Мрежата за рурален развој (МРР) со поддршка на Шведската организација за развој We Effect.
Повеќе од 200 претставници на владини институции, граѓански организации од земјава и од Балканот, како и жители на руралните средини, присуствуваа на овој настан со цел да ги согледаат резултатите од минатогодишната потпишана Декларација и соработката помеѓу институциите и невладините организации.
Како позитивен резултат беа истакнати промените направени во четиригодишната програма за рурален развој 2018 – 2021, на барање на Националната федерација на фармери, со кои беа отстранети дискриминаторните мерки. Ова барање беше поддржано од Мрежата за рурален развој, Министерството за труд и социјална политика, Шведската организација за развој We Effect, Факултетот за земјоделски науки и храна, UN Women и други меѓународни и национални организации.
Во насока на понатамошно подобрување на состојбата на руралните жени во земјава, Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери, посочи дека: „Националната федерација на фармери бара воспоставување на сет на мерки за зголемување на можностите за вработување на жените од руралните средини; креирање мерки за признавање на неплатениот труд на жените, изнаоѓање решенија за жените од руралните средини кои немаат остварено право на пензија преку измена на Законот за социјална пензија, како и измени на Законот за здравствено осигурување со цел остварување на правото на родителско отсуство и боледување на регистрираните земјоделки, односно земјоделци.“
Анели Леина, регионална директорка на Шведската организација за развој We Effect, во своето обраќање истакна дека „Зајакнувањето на правата на руралните жени е од суштинско значење за развој и просперитет на руралната заедница. Кога руралните жени се поддржани и нивните права се загарантирани, позитивните ефекти се видливи не само во нивните семејства, туку и во заедницата и целото општество. Тие се иднината на руралната економија и затоа треба да имаат далеку поголеми можности, глас и одлучувачка моќ во својата заедница, а нивните права треба да бидат заштитени.“
Претседателот на Мрежата за рурален развој, Петар Ѓоргиевски, истакна: „ Знаеме дека во Република Северна Македонија постојат олеснувања за жените од руралните средини кои аплицираат за постоечките мерки за поддршка на земјоделствотo и руралниот развој преку Националната програма за рурален развој и ИПАРД, но сметам дека потребно е да се зголеми стимулирањето на жените претприемачи и да се даде поддршка на жените кои би биле идни носители на проектите, преку обезбедување на повеќе информации, потикнување, давање на бизнис идеи и обезбедување на деловни врски преку разни начини на вмрежување. “
Во своето обраќање, Николче Бабовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, истакна дека „Во ИПАРД 1 одвај 3% од апликациите биле поднесени од жени. Со ИПАРД 2, 23% од барањата се поднесени од жени. Од 73 апликации за набавка на расен добиток 33 се одобрени за жени. За набавка на трактори од 1347 – 343 се за жени.“
На настанот се обрати Нефрус Челику, државен секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кој потенцира дека во рамките на оваа институција функционира кординативна група за родова еднаквост која ја дефинира мерката 115 од Програмата за финансиска поддршка за рурален развој која наскоро ќе биде објавена и е наменета за жените од руралните средини. На настанот се обратија и Елена Гроздрановска, државен советник за еднакви можности во во Министерството за труд и социјална политика и Ермира Лубани, регионален технички советник на UN Women канцеларијата во Република Северна Македонија, коja потенцира дека преку употребата на родово одговорното буџетирање како алатка јазот помеѓу формулирањето на политиките и нивното спроведување може да се затовори. Ова ќе придонесе до подобра употреба на ресурсите, подобро управување и зајакната демократија го потенцираа родовото одговорно буџетирање како алатка за креирање на политиките.
По поздравните говори се одржа и јавна дискусија на тема „ Сопственоста на земјоделското земјиште и имот – предизвик за руралната жена“. Во јавната дискусија се вклучија земјоделци Јулијана Велковска и Стеванче Јорданоски, претставничка на Балканската мрежа за рурален развој, Андријана Велевска, државната советничка за рурален развој во МЗШВ и координаторка на групата за родова еднаквост во МЗШВ и Неда Чаловска, програмската офицерка за родова еднаквост и малцинства во We Effect. Тие дискутираа и споделија релевантни податоци поврзани со сопственоста на земјоделското земјиште и имот, како еден од најголемите предизвици на жените во руралните средини.