Градење на капацитетите на младите со цел да станат фактор во креирањето на локалните политики за развој е целта на проектот „Младите од руралните средини за интеграција на Македонија во ЕУ“.
Проектот беше промовиран на 27.02.2018 во Скопје при што истиот е финансиран со средства од ЕУ, а го спроведуваат четири организации. Лидер на проектот е Подружницата во Македонија на Организацијата за поврзување природни вредности и луѓе (CNVP) со седиште во Хаг, Холандија, а партнери во имплементацијата на проектот се Мрежата за рурален развој на Р. Македонија, Мрежата за рурален развој на Хрватска и Мрежата за рурален развој на Србија.
На промотивниот настан беше истакнато дека проектот ќе се фокусира на младите од Источниот и Југоисточниот плански регион во Македонија каде што организациите спроведувачи на проектот ќе се обидат да ги анимираат младите и граѓанските организации што работат со младите да ги зајакнат нивните капацитети за младински активизам, градење на кариера и да ги оспособат за влијание во носењето политики на локално ниво.
Секојдневната миграција на младите од селото во урбаните центри, па и надвор од државата е сериозен проблем. Преку овој проект, ќе се адресираат потребите на овие млади на повисоко ниво, при што истите ќе се поддржат да се доближат до изворите на идеи и иницијативи, како и до финансиски средства за да ги реализираат нивните потреби.
Проектот ќе трае 18 месеци, односно до јуни 2019 година.