На 06 Март, 2019 година во хотел Сириус се одржа работилница за претставници од невладини организации од источниот и југоисточниот регион со цел дефинирање на заеднички проблеми и предлози за решенија кои се од важност за младите луѓе. Во текот на имплементирање на проектот се потврди потребата од вмрежено делување на младите односно на младинските и другите постоечки невладини организации во насока на нивно вклучување во напорите за интегрирање на Македонија во ЕУ и воопшто во општеството. За таа цел на оваа работилница беа презентирани целите и активностите на постоечките чадор организации на национално ниво и тоа на Националниот Младински Совет на Македонија (НМСМ) и коалицијата на младински организации СЕГА кои претставуваат национални платформи на младински организации посветени на лобирање за потребни промени во легислативата, и на поддршка на младинскиот активизам, пристап до информации и учество на младите, како и Сојузот за Младинска Работа (СРМ) кој има за цел регулирање и стандардизација на младинската работа, поддршка на младински работници и подигнување на јавната свест за значењето на младинската работа. Исто така, на учесниците на работилницата им беа презентирани критериумите за полноправно и придружно членство во овие мрежи и придобивките од тоа.
Покрај мрежите на национално ниво, на настанот беа промовирани и канцеларии од регионална важност за младите и тоа „Младинскиот клуб Штип“ кој работи во областите на здравствени и социјални прашања, развој на волонтерство и младински активизам, култура и уметност, како и регионалната канцеларија во Штип на „Граѓанскиот Ресурсен Центар“ кој постои за градење на капацитетите и финансиска и институционална поддршка на малите невладини организации.
Работилницата резултираше во потпишување на заеднички предложена и прифатена декларација за вмрежување односно креирање на регионална платформа за заедничко делување со обврска да ги следат, идентификуваат и преточуваат потребите на младите во координирана акција за постигнување максимални ефекти, За почеток беше краирана листа со препораки од сите присутни организации која ќе биде доставена до различни чинители во источниот и југоисточниот регион.