На 28 јануари 2025 година, во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, Мрежата за рурален развој на Северна Македонија (МРР на СМ) успешно организираше национална конференција на тема „Партиципативен дијалог со засегнатите страни за зајакнување на позицијата на земјоделците во синџирот на вредност“. Настанот беше дел од проектот „Академија Од фарма до вилушка за зелен Западен Балкан – Нашата заедничка европска иднина“ финансиран од Европската Унија.

На конференцијата учествуваа повеќе од 60 земјоделци, претставници на граѓанските организации, АПРЗ и МЗШВ. Целта на конференцијата беше да се презентираат главните наоди од Националниот извештај, подготвен како резултат на консултативниот процес со чинителите на двата синџири на вредност: грозје/вино и пчеларство/мед. Настанот беше и платформа за активна дискусија и дијалог помеѓу засегнатите страни во насока на наоѓање решенија и идеи за подобрување на позицијата на земјоделците во овие два вредносни синџири.

За подготовката на Националниот извештај, покрај поддршката од проектот, Мрежата доби помош и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку Националната рурална мрежа.