Почнувајќи од 30 мај 2017 година. до денес, проектот „Национален рурален парламент како глас на руралното население – НПР”, организираше 4 средби со граѓанските организации во четирите плански региони: југоисточен, источен, југозападен и полошки регион, со цел да ги поттикне да дискутираат за можностите за нивна поголема вклученост во креирањето на политиките поврзани со руралниот развој, како и да идентификува организации кои активно работат во областа на руралниот развој. Вкупно 70 претставници на граѓански организации учествуваа на состаноците организирани во: Пехчево, Струмица, Струга и Тетово.
До крајот на јуни, проектот ќе организира уште 4 средби со граѓанските организациите за да ги претстави идните планирани активности и да поттикне поактивно учество на организациите во процесот на градење капацитети за вмрежување и застапување. На овој начин, проектот се стреми да го зајакне влијанието на граѓанското општество преку негово вклучување во креирањето на јавните политики, граѓански дијалог и процесите на донесување одлуки за подобрување на условите за живот во руралните средини.
Проектот, финансиран од Европската Унија, започна да се спроведува во март 2017 год. од страна на трите партнерски организации: Фондацијата за поврзување на природни вредности и луѓе (CNVP), Мрежата за рурален развој на Република Македонија (МРР на РМ) и Акција за рурален развој (АкРРа). Предвидено е активностите на проектот да опфатат 40 локални организации од руралните средини, просечно 5 граѓански организации во секој од 8-те плански региони во Македонија, вклучувајќи малцинства и повеќе етнички групи. Главниот метод за работа ќе биде обука, коучинг и практично учење, со што ќе се поттикнат руралните граѓански организации кон поголема активност во процесите за донесување на одлуки и создавање стратешки партнерства со локалните и националните власти.