Во периодот од 12 – 14 јуни, 2019 год., во Република Северна Македонија беше организиран првиот Национален рурален парламент, следејќи го позитивниот пример на европските земји кои години наназад организираат рурални парламенти како ефикасен процес на вклучување и дискусија помеѓу руралното население и креаторите на политики со цел подобрување на руралните политики и адресирање на одредени проблеми поврзани со руралниот развој.
Повеќе од 90 претставници на локални граѓански организации, меѓународни организации, бизнис секторот, локалната самоуправа, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, се сретнаа во Крушево на првиот национален рурален парламент во Северна Македонија и имаа можност да споделат знаење и искуства на различни теми од областа на руралниот развој адресирани преку панел дискусијата и работата во групи. Целта на руралниот парламент е креирање на една национална платформа на рурални граѓански организации која ќе биде активно вклучена во креирањето на стратегиите и политиките за рурален развој на национално и локално ниво.
Со првиот Национален рурален парламент беше заокружен три-годишниот проект „Национален рурален парламент како глас на руралното население“, поддржан од ЕУ, а спроведуван од трите организации: ЦНВП – Организација за поврзување на природни вредности и луѓе, МРР на РМ – Мрежа за рурален развој на Република Македонија и АкРРа – Акција за рурален развој. Покрај обраќањата на претседателот на Мрежата за рурален развој – Петар Ѓоргиевски и проектниот менаџер и директор на ЦНВП – Анела Ставревска Панајотова, свои обраќања и презентации имаа: шефот на кабинетот на Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство – Трајан Димковски, крушевскиот градоначалник – Томе Христоски, експертот за рурален развој – Софија Давидова, претседателот на ПРЕПАРЕ – Арис Адлерс, генералниот секретар на Постојаната работна група за рурален развој на Југоисточна Европа SWG – Бобан Илиќ, Столе Георгиев од Локалната акциска група Плачковица и професор д-р Јорде Јакимовски од Институтот за социолошки, политичко правни истражувања.
„Целта е да ги вклучиме овие организации кои можат да бидат помош околу креирањето на политиките, бидејќи државата не може да стигне до приоритетите во секоја Општина, секој Плански регион има различен приоритет и токму затоа граѓанските организации можат да бидат добар партнер на државата која што е креатор на политиките“, истакна Анела Ставревска Панајотова, директор на ЦНВП.
„Се надеваме дека во иднина ќе се вклучи и Министерството за земјоделство во заедничка организација на Националниот рурален парламент бидејќи само со обединет пристап на граѓанскиот сектор и националните власти може заеднички да се придонесе за подобрување на животот во руралните средини“, изјави Петар Ѓоргиевски, претседател на Мрежата за рурален развој на Македонија.
Учесниците на парламентот имаа можност да дискутираат и да адресираат прашања преку работењето во тематските групи:
- Тема 1. Можности за вработување на младите, жените и останати ранливи категории во руралните средини
- Тема 2. Лидер Програма
- Тема 3. Рурална диверзификација
- Тема 4. Одржливо земјоделство и практики
Заклучоците и препораките донесени во рамките на овие работни групи беа понатаму вклучени во крајниот продукт на Националниот рурален парламент – Манифестот. Овој Манифест, кој ќе биде официјално доставен до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и до други релавнтни институции, ги дава главните насоки и приоритети кон кои треба да се насочи руралната политика.
Првиот Национален рурален парламент заврши со теренски посети, каде учесниците имаа можност да видат позитивни примери за рурално претрпиемништво, рурален и алтернативен туризам, природни потенцијали и ресурси во регионите на Преспа и Маврово – Ростуше, како и да вкусат специјалитети од традиционалната македонска кујна. На овие средби со руралното население беа споделени искуства и ставови во однос на одржливоста и благосостојбата во руралните средини.