Претставници на повеќе од 40 граѓански организации од Западна и Источна Македонија, кои работат на различни теми во областа на руралниот развој, се собраа на двете обуки во Источна и во Западна Македонија, организирани од страна на проектот „Национален рурален парламент како глас на руралното население“. Ова беше првата од серијата од три дводневни обуки, од која се очекува граѓанските организации да стекнат знаење за политиките за рурален развој на национално ниво и на ниво на ЕУ, како и да стекнат вештини за читање, интерпретирање и елаборирање на политиките. Низ еден ваков процес на градење на капацитетите на граѓанскиот сектор, проектот „Национален рурален парламент како глас на руралното население“ се стреми кон воведување на партиципативен пристап во креирањето на политиките за рурален развој и создавање партнерства помеѓу граѓанскиот и владиниот сектор во донесувањето на заеднички одлуки за подобрување на животот во руралните средини.
„Без обединет и јак граѓански сектор не можеме да очекуваме дека ќе имаме развиени средини, бидејќи граѓанскиот сектор е движечката сила во мобилизација на ресурсите во руралните средини – човечки и природни.“ – истакна Петар Ѓоргиевски, претседател на Мрежата за рурален развој на Република Македонија, која обединува повеќе од 83 граѓански организации од цела Македонија. Тој додаде дека ќе се работи на зголемување на вклученоста на локалните жители во подготовката на стратегии и програми, како единствено одржливо средство за функционални мерки за рурален развој.
Проектот „Национален рурален парламент како глас на руралното население“, е финансиран од ЕУ, а имплементиран од трите партнерски организации: ЦНВП (Организација за поврзување на природни вредности и луѓе), МРР на РМ (Мрежа за рурален развој на Република Македонија) и АкРРа (Акција за рураленр азвој). Главната цел на проектот е да го зголеми влијанието на граѓанските организации од руралните средини и нивното учество во развојот на јавните политики и процеси на донесување одлуки.