На 24 ноември, 2017 год. во хотелот „Буши“ во Скопје, тимот на проектот “Национален рурален парламент како глас на руралното население” организираше работилница посветена на „Регионално вмрежување и споделување на најдобри практики во политиките за рурален развој“.
Целта на работилницата беше да се иницира дијалог помеѓу граѓанскиот сектор од руралните средини и креаторите на политиките на национално ниво за да се обезбеди учество на граѓанското општество во процесите на донесување одлуки. Работилницата воведе развојни перспективи за земјата и регионот кои се од заеднички интерес за креаторите на политиките и корисниците на тие политики. Искуствата споделени од претставници на организации од Србија, Албанија, Хрватска и Босна и Херцеговина, кои работат во областа на руралниот развој, обезбедија можност за вмрежување и размена на најдобри практики во политиките за рурален развој во регионот.
Презентацијата подготвена од претставникот на МЗШВ, Валентина Стојановиќ-Туфа, даде преглед на направените напори за подобрување на дијалогот меѓу креаторите на политиката за земјоделство и рурален развој и граѓанскиот сектор. Оваа презентација иницираше панел дискусија за тоа како да се подобрат политиките за одржлив развој во руралните области преку соработка на националните власти со граѓанскиот сектор.
Следниве панелисти споделија искуства од своите земји и различни контексти:
- Трајан Димковски –Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на Р.М.;
- Маја Марковска – Милиеуконтакт Македонија;
- Драган Рогановиќ – Српска рурална мрежа;
- Јулиа Бакота – Хрватска рурална мрежа.
Панел дискусијата им овозможи на многу чинители и рурални граѓански организации да го прошират своето знаење за вмрежувањето и за потенцијалните начини за подобрување на дијалогот помеѓу креаторите на политиките за рурален развој и граѓанскиот сектор. Со цел подобро да се разбере моменталната состојба на руралните средини во Западен Балкан, панелистите споделија искуства поврзани со дијалогот помеѓу граѓанскиот сектор и креаторите на политиките за рурален развој, наведувајќи некои од пречките коишто се јавуваат во тој процес. На крајот, тие дадоа свои препораки за подобрување на дијалогот помеѓу креаторите на политиките за земјоделство и рурален развој и граѓанскиот сектор.
По панел дискусијата следеа презентации на позитивни примери за улогата на граѓанскиот сектор и нивното учество во спроведувањето на активности за одржлив развој во руралните средини.
Васко Хаџиевски ги сподели резултатите од истражувањето спроведено во рамките на проектот „Национален комитет за семејно фармерство во Република Македонија“, кое имаше цел да ја утврди состојбата на семејното земјоделско стопанисување во Македонија и неговата улога во руралниот развој.
Претставникот на Албанската мрежа за рурален развој, Албана Хасмета, во рамки на темата „Економски развој на жените во руралните средини“, ја презентираше моменталната состојба на албанската рурална жена во однос на образованието и положбата на пазарот на труд, сподели примери на добри практики и ги претстави предизвиците кои претстојат во процесот на подобрување на економската положба на руралната жена.
Душко Цвјетиновиќ, претседател на здружението на граѓани „Нешто више“ од Босна и Херцеговина, ги претстави резултатите од три проекти наменети за младите во руралните средини. Преку програмата за стипендирање во БиХ се доделени 85 стипендии за студенти кои годишно реализирале 500 работни часови во полза на заедницата. Проектот „Вработи се преку волонтирање – волонтирај за да се вработиш“ во 2010 год. работел на промоција на волонтеризмот и негова институционализација. Проектот „Животни вештини за иднината – Ајде да научиме, ајде да направиме!“ придонел кон развој на претприемачките вештини кај учениците од 7-мо, 8-мо и 9-то одделение и нивна подготовка за идна поголема конкурентност во пазарот на труд.
„Регионално вмрежување и размена на добри практики во политиките за рурален развој“ беше темата на која се осврна претседателот на Мрежата за рурален развој на Република Македонија, Петар Ѓоргиевски. Во својата презентација, тој ја истакна важноста на вмрежувањето во процесот на ширење на иновации и добри практики, поврзување на руралните актери, стимулирање на проекти за соработка и надминување на изолацијата со која се соочуваат некои рурални региони. Понатаму, ги запозна присутните со типовите на мрежи како што се: Институционалните мрежи финансирани од Европската комисија и Неформалните мрежи на европско, национално, регионално и локално ниво, кои не се финансирани од Европската комисија. Како модел за регионално вмрежување, ја претстави Балканската мрежа за рурален развој која ги обединува мрежите за рурален развој од Хрватска, Босна и Херцеговина, Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија и Косово.
Драган Рогановиќ, претседателот на Српската мрежа за рурален развој, во областа на руалниот туризам, го задржа вниманието на присутните со својата интересна презентација на проектот за развој на руралниот туризам во селото Рудно и националниот парк „Голија“. Проектот спроведува низа активности во 5 општини кои го опфаќаат националниот парк „Голија“ , меѓу кои: развој на пилот центри за заштита, развој и промоција; подобрување на капацитетите на локалното население за развој на руралниот туризам; поддршка на 5-те општини за заедничка соработка во развојот на руралниот туризам и подобрување на туристичката инфраструктура (обележување на патеките за планинарење и велосипедизам итн.).
Презентациите поттикнаа дискусија помеѓу присутните и беа донесени следните заклучоци:
– Зголемување на инклузивноста на локалните жители/актери во подготовката на стратегии и програми е од суштинска важност, бидејќи ова е единствениот начин да функционираат мерките за рурален развој.
– Механизмите и алатките развиени од различни невладини организации можат да го олеснат создавањето на стратегии и политики на локално ниво, па затоа треба да бидат посериозно земени во предвид.