Во сабота, на 16 септември 2023 година, на платото пред и во големата сала на Народниот театар во Гевгелија, со почеток во 12:00 часот, тимот на Програмата на УСАИД за развој на заедницата, имплементирана од Мрежата за рурален развој на Северна Македонија, во соработка со ЛАГ Бојмија ве покануваат на саем за промовирање на локалниот развој – ЛАГ Експо 2023.
На саемот ќе се обратат г. Андон Сарамандов, градоначалник на општина Гевгелија, г. Петар Ѓоргиевски, претседател на Мрежата за рурален развој на Северна Македонија и Балканската мрежа за рурален развој, и претставник од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Помеѓу присутните се очекува да бидат и градоначалници на општините од регионот како и претставници од граѓанскиот и приватниот сектор од државата и регионот.
ЛАГ Експо се одржува по втор пат и е единствен од ваков тип во земјата каде низ презентации и панел дискусии претставници на Локалните акциски групи (ЛАГ-ови) од нашата и од земјите од Западен Балкан и земјите-членки на ЕУ ќе ги претстават своите активности и ќе дискутираат за теми кои ги засегаат руралните заедници а се поврзани со одржливиот развој. Во рамки на ЛАГ Експо 2023 се организира и саемска изложба каде членовите на ЛАГ-овите Бојмија, Беласица-Огражден, Малеш-Пијанец, Абер 2015 и Плачковица ќе ги претстават своите производи, рачни изработки и иницијативи.
Целта на ЛАГ Експо 2023 е да се споделат искуствата на домашните и регионалните Локални акциски групи, согласно LEADER пристапот и локалните производители да се поврзат со претставници од повеќе индустрии и дејности што ќе придонесе пак за воведување на нови бизнис практики и нови соработки. Се очекува овој саем да прерасне во традиционална годишна активност во источниот дел на државата која ќе го стави на мапата на успешни приказни од регионот и ќе биде носител на развојот на технологијата, иновациите, етичките бизнис практики и развојот на човечки ресурси.
ЛАГ Експо 2023 се реализира со поддршка на Програмата на УСАИД за развој на заедницата, имплементирана од Мрежата за рурален развој на Северна Македонија, во соработка со Локалните акциски групи Абер 2015, Беласица-Огражден, Бојмија, Малеш-Пијанец и Плачковица.