Потребна е поголема достапност на образовни, јавни и социјални услуги во руралните средини, креирање и промовирање мерки за зголемување на можностите за вработување на жените од руралните средини и признавање на неплатениот труд на жените за грижа на семејството, како и наоѓање решенија за жените од руралните средини кои немаат остварено право на пензија, породилно отсуство и боледување. Ова е пораката која над 150 жени од руралните средини во државата ја пренесоа во Демир Капија на настан по повод Меѓународниот ден на руралната жена, кој традиционално го одбележуваме секоја година.
 
Настанот беше организиран од Мрежата за рурален развој на СМ и Национална федерација на фармери со поддршка на Шведската организација за развој We Effect.
 
Оваа година одбележувањето на Меѓународниот ден на руралната жена го поврзуваме и со 16 октомври - Светскиот ден храната со цел да потенцираме дека важен сегмент на кој што треба да се обрне внимание е и обезбеденоста на храната.
 
 
 
Во рамки на настанот имаше и јавна дискусија на тема „Улогата на руралната жена во економскиот развој на руралните средини“, каде што беа презентирани успешни приказни за жени од руралните средини и нивните бизниси. Покрај Петар Ѓоргиевски, претседател на Мрежата за рурален развој на СМ и Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери, како домаќини, на настанот се обратија и Н.Е. Ami Larsson Jain, амбасадорка на кралството Шведска во Република Северна Македонија, Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика, Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на претседателот на РСМ и Анели Леина, регионална директорка на Шведската организација за развој We Effect.
Заедно со нашите партнери, продолжуваме да го препознаваме трудот на руралната жена и да се залагаме за неговото поголемо вреднување.