Во свет каде бучните големи градови и популарните туристички места често „го крадат“ вниманието, време е да се упатиме на возбудлива авантура на единствени вкусови, топли насмевки, живописни села, пејзажи, мир и спокој. Но, за поголем развој на овие заедници, потребна е поголема вклученост на сите локални чинители – единиците на локална самоуправа, јавните претпријатија, приватниот и граѓанскиот сектор, жителите... Секој од нив е едно мало парче од мозаикот на локалната рурална заедница. А задача на Локалните акциски групи или на кратко ЛАГ-ови е како единствени организации од овој тип да ги спојат сите парчиња од мозаикот, односно да ги здружат напорите на различните чинители.
Еден од нив е ЛАГ Абер 2015 кој дејствува во североисточниот плански регион, поточно, на територијата на општините Куманово, Старо Нагоричане и Липково. Како што и самото име кажува, приказната на овој ЛАГ започнува во 2015 година и оттогаш па сè до денес ги обединува локалните самоуправи, бизнисите и граѓанските организации од овие општини чии претставници членуваат во ЛАГ-от. За да дознаеме некоја новост, нашиот народ знае да каже „има ли некој абер?“ Овие претставници го носат „аберот“ на локалната заедница и како членови на ЛАГ-от ги посочуваат своите барања и потреби за локален развој и подобрување на животот во руралните средини.
Клучно подрачје за развој во овој регион е руралниот туризам. Еден од основачите на ЛАГ Абер 2015, Зоран Стојановиќ, во својата заедница познат како „Мимоза“ и неговата сопруга Весна, одлучиле да направат нешто во таа насока. Тие нивната викенд куќа во село Стрезовце, општина Старо Нагоричане ја преуредија во така-наречено селско домаќинство „Невена“ и ги отворија вратите за сите љубители на традиционална вкусна храна и селски туризам. Истражувајќи ја приказната за ЛАГ Абер 2015, неизбежно е да се помине покрај „Кастел Дудучки“ во селото Макреш во општина Старо Нагоричане и човекот кој зборува со каменот. Познатиот и признат невропсихијатар доктор Мице Дудучки на површина од стотина хектари со своите раце и неколку помошници изградил уникатно прибежиште од урбаната џунгла – замок од камен кој се вклопува во природниот амбиент.
Погледнете за што станува збор во целото видео во продолжение...