Ви ја претставуваме приказната на ЛАГ Бојмија, еден од партнерите со кои ја имплементираме Програмата на УСАИД за развој на заедницата, кој се залага за рурален развој предводен од локалните жители.

Приказната на ЛАГ Бојмија се создава и расте во четири општини: Гевгелија, Валандово, Дојран и Богданци. Во рамки на ЛАГ-от, претставниците на локалните самоуправи, бизнисите и граѓанските организации од овие општини имаат можност директно да ги посочат своите барања и потреби во однос на развивање на руралните средини, како нова инфраструктура, нови објекти, подобрување на животната средина, руралниот туризам и слично.

Дознајте повеќе за оваа Локална акциска група низ зборовите на членовите Злата Ајцева и Кристијан Алчинов во која тие двајца членуваат и придонесуваат за развој на своите заедници. Тие се двајца инспиративни млади кои одлучиле да ги развиваат своите бизниси во Дојран и Гевгелија и да останат да живеат во средината во која израснале.

Еден од основачите и членови на ЛАГ Бојмија е Злата Ајцева од Дојран, која го продолжува семејниот бизнис – ресторан за локални специјалитети од риба. Таа вели дека прифатила да го води ресторанот не поради финансиите туку поради моментите кои таа и нејзиното семејство ги поминале низ целото патешествие, жарот, чувството за одговорност и спомените кои останале и оние кои сè уште ги создава. Ресторанот го наследила на 26-годишна возраст и работи со нејзината мајка која е шеф на кујната со тридецениско искуство во подготвување единствени дојрански специјалитети.

Кристијан Алчинов е исто така член на ЛАГ-от и тој ја продолжува генерациската традиција во својата семејна пчеларска фарма во Гевгелија. Несомнено, голем предизвик е да се продолжи семејниот бизнис кој опстојувал со години и прераснал во традиција и затоа е потребна голема посветеност и самоиницијативност. Заедничко за овие двајца млади луѓе е одлуката да останат и работат во своите родни места и како дел од локалната заедница да придонесат кон подобрување на квалитетот на живот во нивната средина.

 

 

Оваа активност е дел од Програмата на УСАИД за развој на заедницата, поддржана од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
 
Оваа вест е подготвена со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на Мрежа за рурален развој на Северна Македонија и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.