Мрежата за рурален развој на Република Македонија (МРР на РМ) во текот на изминатата година спроведе активности за пилотирање на ЛЕАДЕР пристапот во Југоисточниот плански регион. ЛЕАДЕР пристапот, како една од мерките на ИПАРД, промовира соработка помеѓу јавниот, граѓанскиот и бизнис секторот и ги поттикнува заеднички да истражат нови начини за подобрување на нивните основни животни услови. На тој начин ЛЕАДЕР придонесува за подобрување на квалитетот на животот во руралните средини, како за земјоделските семејства, така и за поширокото рурално население.
МРР на РМ, во текот на 2014 година работеше на развој на капацитетите кај чинителите од 4 општини во Југоисточниот плански регион – Струмица, Василево, Босилово и Ново Село, за партиципативно планирање и донесување на одлуки како основа на ЛЕАДЕР методологијата. Групата составена од претставници на јавниот, граѓанскиот и бизнис секторот, го помина процесот на стратешко планирање, проследен со дефинирање на визија и мисија, стратешки цели, приоритети и дефинирање на идната територија на Локалната акциска група (ЛАГ) „Беласица-Огражден“. Активностите спроведени во овој регион овозможија симулација на целиот процес на имплементација на проекти за рурален развој и им помогнаа на идните конституенти на овој ЛАГ да стекнат практично искуство.
Во рамки на овие активности, беа реализирани три пилот проекти: „Дигитална туристичка мапа на територијата на Беласица – Огражден“, „Креирање визуелен идентитет на ЛАГ Беласица – Огражден“ што вклучуваше изработка на интернет страница, лого, постери и летоци и „Ден на ЛАГ-от“. Дигиталната туристичката мапа на ЛАГ „Беласица – Огражден“ овозможи преглед на сите туристички атракции и знаменитости на територијата на истиот. Оваа мапа за разлика од класичните мапи, содржи повеќе слоеви, има тематска поделба и содржи информации на македонски и англиски јазик за природни, културни, сакрални и гастрономски богатства од целата територија на ЛАГ Беласица – Огражден, но и информации за локалните бизниси од туристичката индустрија, како ресторани, хотели, мотели, превозни средства, туристички агенции, туристички инфо центри и други слични услуги во насока на развој на туризмот.
На 28 септември 2015 год. во с. Мокрино, беше организиран настан за промоција на ЛАГ-от Беласица – Огражден, на кој присуствуваа речиси стотина луѓе од регионот меѓу кои претставници на четирите општини, Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, невладини организации, бизнис секторот, образовниот сектор како и градоначалниците на Василево и Ново Село. Преку активностите на овој проект се стимулира производство на традиционална храна, негување на традиционални ора и танци, изработка на традиционални народни носии и културни творби кај руралното население кое ќе придонесе кон поголема промоција на вредностите и можностите на регионот и ќе поттикне развој на руралниот туризам и економскиот развој.
Мрежата за рурален развој на Република Македонија, преку компонентата за подигнување на јавната свест и јакнење на капацитетите на граѓанските организации, како дел од проектот на УСАИД за Адаптација на земјоделството кон климатските промени, интензивно работи на процесот на градење на капацитетите на невладиниот сектор. Овој сектор е интегрален дел на ЛЕАДЕР методологијата која претставува партиципативен пристап и вклучување на различни чинители од руралните средини во процесот на донесување одлуки важни за нивните заедници. Оттука, МРР на РМ ја согледува важноста на претставување на методологијата на ЛЕАДЕР пристапот пред различните чинители во руралните средини.