Во среда, на 11 февруари 2015 год., во општинската зграда на Берово, Мрежата за рурален развој на Република Македонија одржа иницијален состанок за промоција на ЛЕАДЕР пристапот во источниот плански регион на Македонија. На собирот присуствуваа повеќе од 25 претставници на локалната самоуправа, граѓанскиот и бизнис секторот од општините Берово, Пехчево, Делчево и Македонска Каменица и Центарот за развој на источниот плански регион, кои имаа можност да се запознаат со основните принципи на ЛЕАДЕР пристапот како една од идните ИПАРД 2 мерки.
Во периодот што следува Мрежата за рурален развој ќе работи на јакнење на капацитетите во однос на ЛЕАДЕР пристапот на претставници од јавниот, граѓанскиот и бизнис секторот, кои доаѓаат од четирите општини од регионот: Берово, Пехчево, Делчево и Македонска Каменица. Во таа насока ќе бидат спроведувани обуки наменети за потенцијалните конституенти на ЛАГот од овие општини, кои би резултирале со креирање на ЛАГ и изработка на локална стратегија за рурален развој која ќе вклучи и мерки за адаптација на земјоделството кон климатските промени.
Ваквите активности МРР на РМ ги спроведува во рамки на проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени.