Денес, 09.11.2012, во рамките на Меѓународниот саем за широка потрошувачка „Агрофуд“, во Скопје, со почеток во 11:00 часот, беше организирана конференција на тема Влијанието на климатските промени во земјоделството, од страна на Мрежата за рурален развој на Република Македонија и Фондацијата за едукација и развој Хуманополис (член на групацијата ЕРА Скопски саем). Целта на настанот беше да се споделат искуствата од досегашните активности и добиените првични резултати од проектот на УСАИД за Адаптација на земјоделството кон климатските промени. На настанот присуствуваа претставници од повеќе национални (Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството) и локални земјоделски институции, здруженија од Струмица, Куманово, Неготино и Гевгелија чија главна дејност е земјоделството, како и членките на Мрежата за рурален развој. Професори од Факултетот за земјоделски науки и храна, ги презентираа првичните резултати и достигнувања од проектот, адаптивните мерки во овоштарството и мерки за заштеда на вода и подобрување на приносот кај земјоделските култури.
„Досегашните и идни активности на овој проект, се пионерски чекори во областа на адаптивни мерки,за справување со ефектите од климатските промени во земјоделството и сметаме дека значително ќе придонесат во подобрувањето на одржливите практики на земјоделските системи во Република Македонија.“ изјави Петар Ѓоргиевски, претседател на Мрежата за рурален развој на РМ и директор на проектот.
Проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени е тригодишен проект, чија имплементација започна во април оваа година од страна на Мрежата за рурален развој на РМ. Научените искуства од тестирањата на адаптивни земјоделски техники во рамки на првата компонента од проектот, ќе можат да се применат од страна на земјоделските производители.