Со настанот во Свети Николе на 26 септември, Караванот за климатски промени организиран од проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени, ја заврши есенската кампања со последната од вкупно четири посети низ земјава. Донесувајќи ги експертите за климатски промени во руралните средини, Караванот за климатски промени ги едуцира индивидуалните земјоделци и нивните заедници во однос на очекуваните ефекти од климатските промени. Низ сесии на отворени прашања и одговори, експертите ќе дискутираат за одредени проблеми со кои се соочуваат земјоделците, ќе споделат стратегии за адаптација кон ефектите од климатските промени и ќе ја нагласат важноста од проактивни одговори на ниво на заедницата. Свое обраќање имаа Министерот за земјоделство, Љупчо Димовски, директорот на мисијата на УСАИД во Македонија, Џејмс Стејн, градоначалникот на Свети Николе, Зоран Тасев и директорот на проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени, Петар Ѓоргиевски.
„Од неодамна Македонија е под влијание на потопла и посува клима, а со тоа е се повеќе склона кон појава на топлотни бранови, суши, поплави и град. Како земјоделци, најдобро го разбирате значењето на ова. Вие директно ги доживувате последиците од климатските промени,“ рече директорот на мисијата на УСАИД, Џејмс Стејн. „Ние сакаме да ги редуцираме негативните ефекти од климатските промени врз земјоделството преку развивање и споделување на достапни технологии за адаптација кон климатските промени, поврзани со потребите на индивидуалните земјоделци.“
Со цел да се редуцираат негативните ефекти од климатските промени на земјоделскиот сектор во Македонија, проектот работи со индивидуални земјоделци и нивните заедници во насока на развивање и дисеминација на достапни техники и практики за адаптација кон климатските промени, спроведува сеопфатни јавни кампањи и помага во градењето на капацитети на индивидуалните земјоделци.
Покрај Свети Николе, во текот на месец септември, Караванот посети уште три локации: Валандово на 18 септември, Ресен на 21 септември и Кривогаштани на 25 септември.