Мрежата за рурален развој на Република Македонија како спроведувач на проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени, има за цел во рамки на двете проектни компоненти да развива и пренесува земјоделски практики за адаптација кон климатските промени и да ја зајакне свеста на земјоделските производители и пошироката јавност за предизвиците и ефектите од климатските промени во земјоделството.
Во земјоделскиот сектор на Р. Македонија се забележува мала свесност за негативните влијанија од сегашните и климатски промени кои не очекуваат во иднина, што резултира со преземање на неадекватни активности од страна на земјоделската заедница и пошироката јавност. Во најдобар случај постои нејасно разбирање за термините како: глобално затоплување, климатски промени, но земјоделците немаат доволно знаење и искуство како да се справат со проблемите настанати од ваквиот феномен и како да се адаптираат на новата ситуација.
Оттука, проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени ја идентификуваше потребата од поширока кампања, која ќе ги информира и алармира сите засегнати страни за штетните влијанија од климатските промени. Оваа кампања ќе се фокусира посебно на руралните средини, каде населението е претежно вклучено во земјоделскиот сектор со што е најдиректно погодено од овие влијанија.
Во таа насока, проектот, во текот на месец мај ќе започне голема кампања во форма на Караван за климатски промени со носечки слоган -„ПОПЛАВА, СУША, СТУД, ДА ГО СПАСАМ МОЈОТ ТРУД“, која има за цел да допре директно до земјоделците, жените и децата од руралните средини , за да ја зајакне нивната свест за предизвиците од климатските промени и потребата од заедничко делување на ниво на заедницата. Караванот за климатски промени ќе биде организиран во два наврати, во пролетниот и есенскиот период. Во мај и јуни ќе посети шест локации во руралните средини: с. Ново Село-Струмица, с. Негорци- Гевгелија, Богданци, с.Росоман, с. Тимјаник-Неготино, с. Пчиња – Куманово. Првата локација која ќе биде посетена на 9 мај, а со тоа ќе биде одбележано и отварањето на караванот е Ново Село, струмичко. Покрај целните групи на караванот: граѓанските организации, земјоделци, жени и деца од руралните средини, ќе бидат поканети претставници од УСАИД, локалната самоуправа, Агенцијата за поддршка на развојот на земјоделството (АПРЗ) и подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Подготвена е богата програма за Караванот со многу информативни и едукативни активности, кои ќе ги информираат посетителите за итноста на потребата за адаптација кон климатските промени, на начин кој ќе биде забавен, достапен и разбирлив за различни возрасти.
Воедно проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени ќе ги презентира тековните и планирани активности, со цел да ги пренесе достигнувањата и резултатите и да ѝ овозможи на пошироката јавност едноставно објаснување за тоа што е феноменот на климатски промени, кои се можните ефекти, како да се ублажат и адаптираат со цел да се намалат нивните негативни влијанија.